ЗОШТО ДА СЕ ИНВЕСТИРА ВО УПРАВУВАЊЕ СО ЧОВЕЧКИ КАПИТАЛ

Управувањето со човечки капитал е дел од културата на компанијата и обврска на сите лидери во организацијата, не само на менаџерите за човечки ресурси, да ја креираат, негуваат, развиваат и пренесуваат таа култура во секојдневното работење, како начин на работа / однесување, користејќи ги сите достапни алатки.

Претставува збир на активности во организацијата кои подразбираат регрутирање, задржување, управување, развој и креирање благосостојба на вработените со цел зголемување на нивната ангажираност, а со тоа и зголемување на вредноста на самата компанијата.

Поразлично е од само сектор за човечки ресурси. Но темата не ми е да ја дефинирам различноста, многу повеќе ќе зборувам ЗОШТО да инвестираме во управување со човечкиот капитал и што можеме да направиме повеќе на темата.

Со инвестирање во развојот на човечкиот капитал компаниите можат да ги подобрат своите финансиски резултати, да го зголемат нивото на ангажираност (Engagement) и задоволство на вработените, што ќе придонесува до помал обрт и постабилна работна сила.

Во продолжение, некои од вредностите и придобивките кои компаниите ги имаат, а се од перспектива на светски реномирани консултантски куќи.

,,Извештајот на McKinsey покажа дека компаниите кои даваат приоритет на управувањето со таленти и инвестираат во развојот на своите вработени, ги надминуваат своите конкуренти на неколку начини.

Тие постигнаа подобри финансиски перформанси, мерени преку вкупните приходи на акционерите. Тие, исто така, имаа повисоки стапки на задоволство на вработените, што пак беше во корелација со пониски стапки на обрт на персоналот, намалувајќи ги трошоците за регрутирање и обуки во организацијата.,,

Развојот на вработените може да доведе до поголема иновација и креативност.

,,Студијата на Deloitte покажа дека компаниите кои го нагласуваат развојот на вработените имаат двојно поголема веројатност да бидат иновативни и агилни, во споредба со оние кои не инвестираат во развојот на вработените.,,

Посебно важно денес и за во иднина е препознавањето (брендирањето) на компанијата како добар работодавач, поврзано со целокупниот процес на Employer Branding, низ призма на искуствата на вработените.

Да ги резимираме придобивките:

– Подобри финансиски резултати,

– Повисоко ниво на ангажираност (Engagement) на вработените,

– Намалување на обртот на вработени,

– Намалување на трошоци за регрутација и тренинг,

– Поголема иновативност и креативност,

– Подобрување на имиџот на компанијата како место за работа (Great Place 2 Work)

…сосема доволно причини да инвестираме време и ресурси во активностите поврзани со управување со човечкиот капитал во организацијата.

И не случајно сме посветени на оваа тема во нашето секојдневно работење, впрочем малкумина можеби знаат дека инспирација за нашето име Thrivity доаѓа од зборот Thrive – збор кој во Англискиот јазик значи да растеш енергично, да процветаш, да напредуваш кон и да ја реализираш целта и покрај сите околности.

Со таа цел, креиравме тренинг програма од 6 интерактивни модули, каде учесниците ќе се стекнат со вештини за управување со човечкиот капитал, ќе научат како да ги применуваат во пракса и како да станат инспирација за управување со човечкиот капитал во своите организации.

Истата ќе се одржи во период Октомври / Декември 2023, а повеќе информации може да пронајдете на овој линк.

Заедно да ја негуваме културата на управување со човечкиот капитал и да ја направиме нашата организација привлечно место за работа во која луѓето ќе сакаат да пристапат и да останат во истата.

Оваа активност е ко-финансирана од Владата на Швајцарија преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ и Тривити.

Човечкиот капитал е најголемата криза

Како што наѕираше крајот на Ковид-19 кризата, така мислевме дека работите ќе се вратат по старо или пак потајно се надевавме. Не сакавме да ги прифатиме сигналите кои беа очигледни, а бранот на енергетска и економска криза дека ќе не покрие.

Но, дали новото нормално значи и живот во криза?

човечки капитал

Не! Новото нормално подразбира агилност, креативност и храброст, со искрена надеж дека разумот ќе преовлада во воениот конфликт помеѓу Русија и Украина, и тој ќе заврши поскоро.

По азбучен ред, агилноста е способност системот брзо да одговори на промена преку приспособување на неговата почетна стабилна конфигурација, креативноста е чин на создавање на нешто ново, преку генерирање на идеи или комбинирање на постоечки концепти со одредена цел, а храброста е потфат да се излезе од одредена состојба за да се достигне слободата системот да функционира.

Ако системот го сочинуваат луѓето, тогаш појдовна точка на секоја организација во новото нормално треба да биде фокус кон човечкиот капитал. Знам колку е комплицирано така да размислуваме. И јас сум стопанственик и се соочувам со истите предизвиците како што е раст на цените и трошоците, пад на приходот и профитот, па понекогаш ме обзема чувството дека сум во слободен пад и без компас.

Зошто тогаш толку малку зборуваме, а и правиме за нашата најголема криза, човечкиот капитал. Како да не ги сфаќаме сериозно јавните податоци од последниот попис кои покажуваат дека изгубивме 9.2% од населението за период од 20 години, или пак податоците од истражувањето на Вестминистер каде 58% од младите се изјасниле дека би се иселиле од Македонија.

Дали е најголема криза човечкиот капитал?

Овие информации како да не ни ја потврдуваат кризата со човечки капитал во земјава, во која сме предолго време, а таа директно влијае на ефикасноста на оперативните процеси, продуктивноста и конкурентноста на организациите, но и на потрошувачката која всушност е основен двигател на економијата.

Заглавени каде што сме, на врат со дополнителните глобални влијанија, „удолу длабоко, угоре високо“.

Ако една од основните улоги на лидерот е да прави добро за луѓето во тимот, тогаш ние имаме обврска и можеме да придонесеме не само во рамки на организацијата, туку и да ја поттикнеме општествената одговорност – да придонесеме за и во заедницата.

Едноставно да се грижиме за благосостојбата на луѓето во тимот и организацијата, да ги растеме и развиваме, да обезбедиме конкурентен систем на плати и бенефиции, да ги слушнеме нивните потреби и предлози, да се грижиме за нивното ментално здравје, да креираме тренинг и развојни програми и храбро да ја поттикнеме креативноста.

човечки капитал

Да поттикнеме тие да бидат агилни, што е пат до создавање на агилна организација која ќе може да се прилагоди на „новото нормално“ во која луѓето ќе отвораат нови хоризонти за себе  и за бизнисот.

А камче по камче, мозаик во заедница која поедноставно ќе се носи со предизвиците кои и следуваат.

Затоа на глобалните предизвици треба да одговориме првенствено со нашиот основен, како да се справиме со кризата на човечкиот капитал. Да се вложиме НИЕ во создавање и задржување на агилните, креативните, храбрите, стручните и мотивираните луѓе, кои ќе нѐ движат напред и бизнисот и заедницата.

Ние како ТРИВИТИ, веќе две години се вложуваме во тоа заедно со Кариерниот центар на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, се вложуваме во развој на идните професионалци, држиме обуки преку Тривити – Кариерен центар, ги поттикнуваме младите стажанти на претприемачки чекори, се развиваме самите и знаеме дека само тоа е патот за посветли податоци за човечкиот капитал на земјава.

Ве покануваме да ни се придружите, бидејќи секогаш е подобро во друштво.

THRIVITY LEVEL 1: COMPLETED

Не е едноставно да седнеш и да раскажеш на една страна за нешто на кое работиш последните 1159 дена…

На 29 Април 2020 на THRIVITY, му кликнавме ентер и го виде светлото на денот.

И една година е жив, присутен на пазарот. Придонесе многу луѓе да најдат работа, да се стекнат со дополнителни знаења и вештини, а во исто време и многу компании да ги најдат соодветните кандидати за своите организации, да ги создадат тимовите.

Но, приказната почнува многу порано, во февруари 2018 година кога за прв пат ја споделив идејата со моите денешни партнери.

Тргнав да ја скицирам идејата во реалност и во април истата година го запознав Хајан од HASELT, човек кој за жал прерано не напушти, а во огромна мерка е „виновен“ за тоа што THRIVITY постои денес.

По многу разговори, мислење и цртање, проектот го доби проектното име „Талент Маркет“ и почнавме со изработка во јануари 2019 ….

Thrivity

Името THRIVITY и слоганот заслужуваш добра работа ги имавме во ноември 2019.

Во март 2020 сѐ беше спремно, дури имавме и интерна прослава, ние и HASELT, пред официјален старт… И следниот ден влеговме во КОВИД 19 криза. Па така лансирањето на THRIVITY го одложивме за крајот на април, прецизно за 29 април, кога ги објавивме првите огласи. „Машината“ проработе, ги направи првите спојувања помеѓу луѓето кои бараат работа и компаниите кои вработуваат.

И еве нѐ денес, една година потоа. Машината проработе, почнавме од најтешкото ниво.

Платформата работи 24/7, за неа нема полициски час, ниту изолација.

Кога зборувам со тимот на темата прв роденден, реков не славиме прв роденден туку славиме дека една година живот и за тоа креваме здравица.

Во оваа една година особено ми е драго дека сме сите на број и што сме здрави. Горд сум и благодарен на тимот, луѓето и компаниите околу нас кои ни веруваат и постојано не охрабруваат во нашата мисија. Ако треба да издвојам значајни работи кои ја одбележаа првата година на THRIVITY, тогаш тоа се формирањето на THRIVITY Кариерниот центар и издавањето на нашата книга THRIVITY Активатор.

THRIVITY е онлајн пазар на труд и постои да ги спои луѓето кои бараат работа и компаниите кои вработуваат, но пред сѐ нашата основна задача како тим е, несебично да го споделиме целото наше искуство и знаење во областа на човечки капитал и позитивно да влијаеме во општеството во кое создаваме и живееме.

Мои драги колеги, партнери, наши корисници Ви благодарам за довербата и поддршката која несебично ни ја давате секојдневно.

Досега не сме споделиле, името на THRIVITY доаѓа од англискиот збор THRIVE што значи раст, развој, просперитет. Ние избравме да одиме по тој пат, придружете ни се!

THRIVITY, нека ти е среќен ПРВИОТ РОДЕНДЕН!

поликарп - Thrivity