Разбивање на бариерите и инспирација за успех во кариерата

Избирајќи тема за нашиот следен блог-пост во разговор со колешката отворивме неколку теми и се согласивме да го посветиме на НЕА – жената во бизнисот, еднаква застапеност на жените на различни позиции и во професии на кои до сега ретко се среќавала.

Првата асоцијација на Денот на жената ми се малите дечиња и учениците кои со насмевка на лицето се собираат пред училиштата, со внимателно одбрани подароци и цвеќиња во рацете со возбуда очекуваат да ја видат реакцијата на својата наставничка. Возбудата доаѓа од важноста на моментот. Еден ден во годината учениците оддаваат признание на жената која со својата професија им се посветува целосно во најважниот период на нивниот живот. Оваа слика секогаш ми ги буди најнежните чувства и ме потсетува на важноста која ја имаме кога активно сме вклучени во општествените случувања. Во минатото имало строго машки професии… учители, доктори, инженери, архитекти, возачи итн. Денес имаме среќа да ги уживаме убавините на професионална исполнетост и радост што имаме шанса да дадеме придонес во науката, економијата, политиката.

Денот кој го посветуваме на жените, на 8-ми Март се одбележува на светско ниво во знак на борбата на жените за социјална, политичка, економска и полова рамноправност.

Историја

Првите знаци на движење и подигање на свеста кај жените се настаните во САД , Социјалистичкото движење во чест на штрајкот на конфекциските работнички во Њу Јорк во 1908 година каде жените протестираат против условите за работа.

Обиди за промени во општеството по прашње на правата на жените и нивното интегрирање  имало многу порано, во 1848 говорот на  Elizabeth Cady Stanton и Lucretia Mott на конвенцијата и борба за укинување на ропство во Америка, но како официален почеток на борбата се смета кога движењето се пренело во Европа. Во месец март се случиле низа историски настани поврзани со  правата на жените, 1910 Интернационална социјалистичка конференција во Копенхаген, Данска. На 19 март 1911 година, првиот Меѓународен ден на жената бил одбележан од над милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија. Само во Австро-Унгарија 300 демонстрации со жени кои парадирале на Рингштрасе во Виена, носејќи транспаренти во чест на мачениците на Париската комуна. Низ Европа, жените барале право на глас и на јавна функција и протестирале против полова дискриминација при вработување. Од 1977 Организацијата на Обединети нации и официјално го признава 8-ми Март како International Women’s Day.

Знаејќи ги овие историски факти и секогаш водени од знаењето и вредностите кои како колеги ги делиме, во темелните вредности на Тривити ги имаме проткаено правата и слободата на изразување на луѓето, во сите аспекти на нашето делување. Во нашата мисија да создадеме транспарентен и конкурентен пазар на труд, луѓето се пред се и тука за поделби или дискриминација едноставно нема простор. Низ процесите имав среќа да запознам врвни професионалци во својата област и да, голем дел од нив се жени.

Во проценти

Во текот на 2023 година дел од активностите на кои одделивме најголем дел од времето беа процесите на регрутација во кои имавме прилика да бараме работни позиции од различни профили. Анализата на резултатите покажа интересна состојба: 70% од вработените кандидати беа жени 😊. Ако погледнам по работна позиција, имавме менаџер за финансии, бренд менаџер, менаџер за квалитет во производствена компанија… специјалист во областа финансии, главен сметководител, специјалист за набавки, оператори во производство и многу други. Сепак, оваа година, имаме еден проект кој е наша мала гордост, а тоа е регрутација за позицијата Генерален манаџер во интернационална компанија, глобален лидер во производство на литиум-јонски батерии – каде меѓу силната конкуренција на кандидати, заслужено беше одбрана жена.

Преземење иницијатива за личен и професионален развој:

Минатата година се посветивме на тренинг програмите од нашиот Тривити Кариерен центар, како дел од програмата за зголемување на пазарната вработливост на IME, ко-финансирана од Владата на Швајцарија.

Имавме 6 едукативни сесии на тема Управување со човечки капитал каде предавачи беа колегите Дејан и Поли, ама ништо немаше да биде возможно без несебичната поддршка на нашите Марија и Фросе. И да не должам, на сликите најдобро се гледа дека од 27 учесници 25  (92%) се млади успешни дами посветени на личен и професионален развој. Ова ни дава за право да заклучиме дека жените се многу посвесни за потребите за учење и надоградба, некриејќи се зад macho стереотипот.

Нашата Марија Акимовска паралелно, во истиот период спроведе бесплатана онлајн обука за Кариерен развој. Во период од 4 сесиии распоредени низ 3 недели имавме група од 50 учесници и тука во 80% од учесничките беа жени.  

Во таа насока, би кажала дека сум благодарна за секоја соработка која Тривити ја има со клиентите во консалтингот и воопшто во проектите во кои ни се придружија нашите не само соработнички, веќе пријателки секоја со својата екпертиза на: новинар и ПР екперт, генерален менаџер на компанија, психолог (Активатор), тренер за личен развој… имињата ќе ги пронајдете помеѓу редови😊

Верувањето дека жените се нежни е точно, но спрема своите најблиски, спрема оние на кои нивната нежност е неопходна, но во професијата ја покажуваат другата страна на медалот. Тука доаѓа до израз целата цврстина, ментална и физичка, посветеноста и истрајноста да се изборат и да отидат до крај. Непрекинато учење  и работа на личен развој, се гледа низ мал дел од проектите кои заедно ги поминавме минатата година, додека активно учество во развојните програми и иницијативата која ја покажуваат жените менаџери се само доказ на таа посветеност за која претходно споменав.

Драги пријателки, колешки, соработнички, Честит 8-ми Март и ви посакувам храброст за новите предизвици, мудрост за важните одлуки и истрајност за тековните проекти.

Марија Ваневска

Employee Appreciation Day и дали доволно ги цениме нашите вработени

Вработените во тимовите за Човечки ресурси во компаниите би требало да имаат слушнато за Employee Appreciation Day, но доколку не, еве добра можност да се запознаеме подобро со овој ден и што тој претставува.

Прво морам да напоменам дека искрено се потрудив Employee Appreciation Day да го преведам на македонски, но најблиску што можев да стигнам е Ден за благодарност кон вработените. Сепак, преводот и не е толку важен, колку што е важно значењето на самиот ден.

Во суштина Employee Appreciation Day се одбележува секој прв петок во Март (во случајов 01ви Март) и претставува ден во кој работодавачите насекаде низ светот им оддаваат благодарност или признание на работниците за нивната работа. Ние во Тривити сметаме дека тоа треба да биде секојдневна пракса, бидејќи работниците се движечката сила без која не може да се замисли ниту една компанија, но и еден ден е добар почеток.

Живееме во време на голем јаз помеѓу очекувањата на работодавачите и работниците и секојдневно се соочуваме со ситуации во кои работниците полесно се одлучуваат да заминат на сезонска работа во странство, отколку да работат тука, па некако природно се наметнува прашањето: дали доволно ги цениме нашите вработени? Темата е широка и може да се дебатира долго и да не стигнеме до универзален одговор, но затоа одговорот на едно друго прашање е доста лесен: Дали можеме да направиме нешто повеќе за нив? Секако дека да.

Кога ги гледате работите низ призма на бројки, годишни планови, финансиски калкулации и бркање таргети може лесно да се заборави дека вработените не се комодитет – тие се пред се луѓе и препознавањето на нивниот труд и ангажираност доведува до тоа да бидете препознаени како внимателни лидери, кои вистински се грижат за вработените.

Целта на одбележувањето на овој ден е на еден симболичен начин да покажеме дека се грижиме за нашите вработени. Грижата за вработените може да го подобри моралот, да ја зголеми продуктивноста, да ја намали флуктуацијата на вработените, може да помогне во креирање на култура на поддршка во компанијата и да ги подобри односите на релација работодавач – вработен.

А како може тоа да го направите?  Во продолжение, неколку идеи и предлози со кои ќе им покажете на вработените дека ви значат и дека се грижите за нив на овој симболичен ден:

  1. Персонализирани „Ти благодарам“ пораки – Дали ќе ги праќате по мејл или ќе ги напишете рачно оставам на вас. Јас лично сум стара школа и сметам дека рачно напишаните пораки се секогаш подобри.
  2. Симболична церемонија на доделување признанија – Одвојте ги последните часови од работниот ден за доделување на забавни признанија за вработените. Пример награда за: „Најдолга пауза“, „Најмногу испиени кафиња“, „Спанко/а на годината“и сл.
  3. Организирајте ручек – Нарачајте пици за сите вработени или омилените јадења или доколку е изводливо излезете порано од работа и однесете ги вработените на заеднички ручек.
  4. Гејминг деј – Организирајте турнири во видео игрици или некој канцелариски спорт (пикадо, табла, фудбалче), нешто во што сите можат да учествуваат.
  5. Поставете кафе станица и снек бар – Одлична можност вработените да имаат на располагање добро и свежо кафе и грицки за време на работниот ден. Нека одмори малку вендинг машината.
  6. Уникатни подароци – подарете уникатни, рачно изработени подароци на вработените

Ова се само неколку предлози, а има уште многу. Што и да решите да правите нека биде искрено и во прв план нека бидат вработените. Немојте да настапувате со нешто помпезно и гламурозно што ќе го снимите и ќе се врти два месеца на интернет, а суштински да нема никаква позитивна промена.

За крај, не дозволувајте грижата за вработените да се сведе на еден ден во годината бидејќи тоа претставува повеќе од само календарски настан. Наместо тоа, негувајте култура на континуирано вреднување на вашите вработени. Иако тоа е процес кој бара постојани напори од работодавачите и од вработените, не може да не се сложиме дека колку повеќе инвестирате во вработените, толку повеќе вашиот тим ќе биде посилен и вашата организација поуспешна.

Јанко Смилевски