Бихевиорални компетенции – показатели за вистинската вредност – Дејан Ваневски

Развојот на бихевиорални компетенции ќе ве направи успешни. Помина времето кога можевме да ги обвинуваме другите за нашите неуспеси. Тие што не се свесни за важноста на компетенциите си ги намалуваат шансите за заработка и напредок.

Годините на пандемијата донесоа страв, репресија, затвореност и зачмаеност, а со тоа само го продлабочија јазот. Од една страна се оние кои го инвестираа времето во развој на компетенциите, а од другата сите останати, кои не сакаат ништо да менуваат верувајќи во „старите“ знаења.

Неколку години работиме со локални и регионални компании и сите тие искуства укажуваат на еден заклучок. Постои недостаток на свесност кај компаниите, менаџерите и вработените за важноста на бихевиоралните компетенции во процесот на регрутација на кандидати, како и евалуација и развој на постоечките вработени. Единствено на што се дава внимание се техничките вештини:

  • Ќе го земам оној кандидат, кој го познава теренот и има контакти со потенцијални клиенти
  • Важно ни е кандидатот да знае да работи на оваа машина, ние немаме време да го обучуваме
  • Мора да има соодветно високо образование
  • Ќе си „купам“ менаџер од конкуренција и ќе добијам „готов производ“

Овој пристап може да биде краткорочно премостување на проблемите, но долгорочно, доколку сакаме да бидеме успешни, неопходно е да се стави акцент на проценката и развојот на бихевиорални компетенции кај луѓето.

Во динамичните и непредвидливи услови за работа, компаниите постојано бараат начини да стекнат конкурентна предност. Иако техничките вештини и знаењето се неопходни, компетенциите го трасираат патот кон остварување на целите на вработените и компаниите. Вредноста на поединците и компаниите се мери со компетентноста.

Како ќе ви помогне развојот на бихевиорални компетенции во тимот?

Усовршувањето на бихевиорални компетенции кај луѓето носи бенефит од многу аспекти. Ова се неколку од нив.

Подобрување на меѓучовечките односи

Една од основните предности на фокусирањето на развојот на компетенциите е подобрување на односите помеѓу луѓето во компаниите. Вработените кои имаат изградено вештини за комуникација, емпатија и самосвесност се подобро подготвени да изградат здрави односи со колегите, клиентите и добавувачите.

Напредните бихевиорални компетенции им овозможуваат да согледаат различни перспективи, да ги решаваат конфликтите на мирен начин и да создадат пријатна работна средина. Како резултат на тоа се гради поврзаност на луѓето со компанските цели, квалитетна тимска работа, креативност и иновативност, како и зголемена продуктивност во компанијата.

Задоволни клиенти

„Доколку се грижите за вашите вработени, тие ќе се грижат за клиентите“ – Ричард Бренсон

Компетентните вработени управуваат со клиентите и креираат задоволство кај нив. Вработените кои покажуваат емпатија, активно слушање и ефективно решавање на проблеми се способни да ги разберат потребите на клиентите, да ги решат проблемите и да одговорат очекувањата.

Посветеноста кон извонредна услуга гради долгорочни врски со клиентите, ја зголемува лојалностa и им обезбедува конкурентска предност. Инвестицијата во градење на компетенции за преговарање, продажни вештини, градење на односи со клиенти и проактивно вмрежување ќе ги подобрат односите со постоечките клиенти. А ќе донесат и нови клиенти, овозможувајќи профитабилни деловни зделки.

Прилагодување на промени

Бизнисот станува сѐ понепредвидлив, промените не се само неизбежни, туку и неопходни за преживување и напредок. Доколку не се менувате, подгответе се за неуспех. Би ви препорачал да погледнете едно инспиративно видео за т.н. Титаник синдром (Др. Надја Жексембаева). Ова видео мене ме инспирираше да размислувам за важноста на управувањето со промени и колку ароганцијата може да биде самоуништувачка.

Компаниите и лидерите кои успешно се справуваат со промените им овозможуваат на вработените да се прилагодат и да напредуваат во нестабилната околина. Вработените кои се подготвени за развој, флексибилност и имаат волја за учење подобро се прилагодуваат на нови технологии, трендови на пазарот и барања на клиентите. Ако работиме на развојот на прилагодливоста, организациите и нивните луѓе стануваат агилни, отпорни и подготвени да се носат со сите предизвици.

Резилиентност

Проблемите се секојдневие на работа и во животот, не постои човек или организација без проблеми, тешкотии и конфликти. Меѓутоа, начинот на кој вработените и компаниите се справуваат со нив прави разлика дали бизнисот ќе преживее или не.

Одговорноста, трпеливоста, доследноста и мотивацијата им овозможуваат на вработените брзо да ги воочат можните грешки, да учат од искуствата и да покажат самоиницијатива. Резилиентните луѓе се способни да се справат со стресот и несигурноста, истовремено позитивно влијаејќи на мотивацијата кај колегите.

Томас Едисон рекол: „Не е дека не сум успеал во 10.000 обиди, туку успешно научив 10.000 начини дека нешто не работи“.

Охрабрете ги луѓето да грешат, затоа што само тој што не работи, тој и не греши. Научете ги да учат од грешките, а не да ги „кријат под тепих“, плашејќи се од последиците и казните.

Градење на посветеност кај вработените

Сплотувањето на тимовите и градењето на посветеност кај вработените ќе ги оддели успешните компании од оние кои ќе исчезнат. Се шират трендови на мерење на задоволството на вработените во компаниите, без правилно да се користат резултатите од истите. Особено во фирмите кои имаат семејна сопственичка структура, овие резултати можат да бидат фрустрирачки.

Внесување на квалитетни консултанти, кои знаат да ги обучат и водат лидерите во градење на соодветен акциски план за подигнување на посветеноста кај вработените, може да биде соодветно решение. Ваквиот пристап ќе ги зголеми шансите за луѓе кои се мотивирани, кои успешно си ги остваруваат задачите и одат на работа полни со енергија.

Лидерство

Компаниите кои ги развиваат лидерските компетенции креираат вработени кои служат за пример, без разлика во која област работат. Луѓето кои се самосвесни, носат квалитетни одлуки и стратешки размислуваат, се вистинско богатство за компаниите и имаат потенцијал да ги мотивираат другите. Ваквите лидери ја негуваат културата на континуирано учење и развој, каде што луѓето се чувствуваат ценети, мотивирани и подготвени да дадат максимум и да остварат најдобри резултати.

Правилното воведување на нови вработени, менторството и коучингот се компетенции неопходни кај современите лидери и се критични за прогресот на компаниите. Тука, мора да се биде внимателен во изборот на програмите за обука и развој на лидерите. Парцијалните решенија можат да направат повеќе штета, отколку корист. Градењето на лидерски бихевиорални компетенции кај менаџерите е долгорочен процес и мора да биде интегрален дел од процедурите за развој во компаниите.

Не е лесно, ниту едноставно. Важноста на развојот на бихевиорални компетенции за вработените и компаниите не смее да се потцени.

Потребна е свесност кај менаџментот и луѓето кои одлучуваат, за да се интегрира систем за развој на компетенциите во која било компанија. Преку имплементација на ваков систем се гради компаниска култура базирана на соработка, организациска агилност и постојано надоградување, што резултира во зголемена продуктивност, задоволство на вработените и долгорочен успех.

Додека се справуваме со предизвиците во сложената, нестабилна и непредвидлива средина за водење на бизнис, вистинската моќ лежи во развојот на бихевиорални компетенции, кои им помагаат на вработените и компаниите да напредуваат.

Приказната за недостаток на работна сила – Поликарп Арсеновски

Актуелната приказна за недостаток на работна сила во Македонија често ја нарекувам „Чекајќи го Годо“. Претпоставувате и зошто. Во несигурното и неодредено чекање за решение, бескрајни се дебатите и кафе-мудрувањата за тоа дали решението е либерализација на пазарот на труд и увоз на работна сила од трети земји. И речиси секој пат без заклучок и со надеж дека работите ќе тргнат на подобро. Но, што до тогаш?

Предизвиците на тема работна сила

Да не должам во објаснување на работите кои веќе сите ги знаеме. Накратко, клучните предизвици се:

A. недостаток на работна сила воопшто

Б. недостаток на квалификувана работна сила


Едноставно, дојде времето за наплата на сметката за 30 години негрижа од сите аспекти. Од односот на работодавачите кон луѓето генерално, девастираните образовни, здравствени и правосудни системи, до партиската превработеност и сите останати проблеми кои неизбежно влијаат на проширувањето на проблемот.

Дали либерализацијата на пазарот на труд ќе ја смени ситуацијата во Македонија?

Нашите размислувања одат во правец дека луѓето се тука и покрај егзодусот на континуирано иселување. Особено во споредба со други развиени земји, а ако земете предвид број на вработени во приватен сектор во однос на број на вработени во јавна администрација.

Во приватниот сектор (а се чини и во јавниот) сѐ поголеми се очекувањата дека либерализацијата и увозот на работна сила од трети земји има потенцијал (барем делумно) да го реши предизвикот.

Силно верувам во либерализација и ја поддржувам по секој основ, ние сме сепак дел од развиениот свет и тоа е нашата определба. Но, да бидеме реални и да видиме што вели искуството. А тоа е дека либерализацијата и увозот на работна сила е долгорочен проект во кој активно треба да бидат вклучени повеќе чинители.

Што да правиме во меѓувреме со луѓето кои се дел од нашите организации?

…Додека да дојде Годо, има многу работи кои можеме да ги направиме сами. И да, ова важи за сите, без разлика дали дејствуваме во приватниот или во јавниот сектор.

Предлагам да започнеме од основите. Да ја зголемиме продуктивноста на оперативните процеси. Плански да инвестираме во развојот на бихевиоралните и техничките компетенции на вработените, без притоа да ги заборавиме основните услови за работа – плата и бенефиции. Да се грижиме повеќе за мотивираноста и ангажираноста на нашите вработени еднакво како што се грижиме за нејзините перформанси

 „Војната за таленти“ (War for talents) за прв пат е спомената во 1997 година од страна на Steven Hankin од McKinsey. Претставена е како стратешки бизнис предизвик којшто е критичен за развојот на компаниите во иднина. Се чини дека многу подоцна ја разбравме пораката. Но, сепак јас сакам да верувам дека никогаш не е доцна. Ако вистински сакаме да дојдеме до решение и сме подготвени да се вложиме за тоа, работите може драстично да се променат.

Како што напишал Sun Tzu во „Уметноста на војувањето“ – Војната ќе ја добијат оние кои ќе имаат високо мотивирани и најподготвени војници. За оние кои одамна не ја пролистале оваа книга ќе потсетам на директниот совет на кој алудирам, во контекст на нашиот проблем.

Иако војниците може да очекуваат да работат напорно, тие се исто така биолошки машини кои може да се истрошат со премногу марширање, борби и стрес. Разберете ја динамиката на здравото тело и ум додека ги одржувате вашите војници во форма внимавајте да не ги преморите. На овој начин можете да одржувате енергија за битка, каде и да се појави.

Внимателно да ја проучиме благосостојбата на луѓето во нашите организации.

Преведено во денешните услови во кои се бориме за квалитетна работна сила – да ги почитуваме нашите вработени. Тие се пред сѐ луѓе и заслужуваат однос со достоинство и почит од сите аспекти. Ова се однесува на односот кон нив од „добро утро“ па сѐ до нивните плати, бенефиции и можности за развој. Тогаш можеби ќе размислуваат за иднина во нашата сакана земја.

Еднакви шанси за сите, во сите компании – Марија Акимовска

Ако започнам од тоа што е нашата работа како Агенција, со неколку зборови можеме да кажеме дека спојуваме луѓе кои бараат работа и компании кои вработуваат. Звучи едноставно, но процесот си носи одредена тежина и комплексност – но на оваа тема во друга прилика.

Ќе одам на крајот, кај успешно завршените процеси. Тоа значи дека сме ги пронашле вистинските луѓе за работните позиции кои се отворени. Кога сме кај вистинските луѓе, тие се оние кандидати чии профили според бихевиоралните компетенции и квалификации одговараат најмногу за дадените работни позиции во конкретни компании.

Но за да стигнеме до тука, секој што е во оваа професија, добро знае дека патот е долг и исполнет со секакви ситуации и предизвици.

Ќе издвојам дел од тие предизвици, што можеби најмногу емотивно и човечки ме засегаат.

Нешто за што гласно говорам и за што се залагам, а тоа се еднаквите шанси за сите, во сите компании.

Јас и моите колеги секојдневно се среќаваме со многу луѓе – лица со најразлични образовни профили. Шаренило од професии и богатство од работни искуства во најразлични компании и индустрии. Разноликост од карактери, лица со изразен немирен дух и темперамент, како и оние посмирени и сталожени. Оптимисти и жедни за знаење и нови предизвици, но и лица по малку разочарани, скептични и изморени.

Учеле едно, работеле друго, сонуваат за сосема трето… Ги има и тие што се плашат да сонуваат. Кај некои гледаме борбеност, а некои се повлечени во зоната на сигурност. Едни се похрабри, а другите гледаат претпазливо со доза на страв. Одговорни и професионални, но и лежерни и безгрижни. Лица со различни искуства и приказни, сите со своите различни човечки судбини.

И сето ова не е поврзано со тоа дали некој е маж или жена, дали е помлад или повозрасен.

Во ова бурно шаренолико море, секој е подеднакво важен, секој е подеднакво вреден како човек. Секој заслужува подеднаков професионален третман. Нашата улога на професионалци во својата работа е да го пронајдеме вистинскиот човек за вистинското работно место. И не само тоа… да го поттикнеме и да го охрабриме да расте и да се развива.

А што ми паѓа тешко во денешно време…

За мене (а верувам и за моите колеги), дали е некој маж или жена, дали е помлад или повозрасен, не прави разлика за да му биде дадена шанса, доколку ги исполнува добар дел од компетенциите и квалификациите. Она што ме погодува е кога ќе слушнам еден тип на коментари.

Од кандидати:

  • „Ви благодарам што ме повикавте на разговор. Аплицирав, но не очекував дека ќе ме повикате. Знаете, направивте да се чувствувам важен“ – кандидат, маж, 60 години.
  • „Имам искуство и се чувствувам спремна, ми треба нов предизвик, но се плашам дека ќе им пречат моите години“ – кандидат, жена, 54 години.

Од компании:

  • „Кандидатката е одлична, но млада е, штотуку се омажи… ќе формира семејство, ризикот дека ќе оди наскоро на породилно е голем. Не би можеле ни да ѝ дадеме поодговорна позиција, иако има потенцијал“.
  • „Кандидатот што ни го пративте има 50 години. Дали ќе има енергија да се носи со позицијата, бидејќи нашата работа е динамична“.
  • „Премногу е млад, нема да е лојален и сериозен, можно е брзо да ја напушти компанијата“.

Ова е само мал дел од коментарите на некои кандидати и компании. Листата на примери е долга, но ќе застанам тука.

Не споделив ништо ново, ништо досега невидено и нечуено, само имав потреба гласно да го повторам.

Само за да се потсетиме дека човечките способности, амбиции, силата, енергијата, потребата од континуирана работа, докажување, напредување, растење, лојалноста и припадноста, интелектот, професионалноста… сето тоа не познава години, не познава пол.

Да, Вие господине на 60 години секако дека сте важен. Со себе го носите целото знаење и непроценливо искуство стекнато низ годините, кое еве денес гледам одлично го вклопивте во организација на која сте ѝ додадена вредност. Сигурна сум дека во следните 4-5 години до Вашите пензионерски денови ќе дадете значаен придонес. Ќе пренесете знаење на следните генерации. Зошто не би биле важен?

И зошто кандидатката која на 54 години покрај целата своја мудрост, знаење и амбиција да се плаши дали ќе биде избрана од посакуваните компании. Напротив, треба да биде искористен тој потенцијал што во себе го носи.

А верувам сите познаваме млади жени кои паралелно со создавањето на семејство и одгледувањето на потомство успешно чекорат низ професионалниот свет и ја градат својата кариера.

Успешни се и тука се, постојат.

И енергија, брзина и острина на умот сме виделе исто така кај таканаречените сениори – многу е реално дека ќе ги сретнете.

И млади лица кои знаат што сакаат и кон што се стремат, кои сериозно негуваат вредности и демонстрираат професионалност на високо ниво.

Па во време кога сме соочени со сериозен предизвик на пазарот на труд и недостиг на работна сила, ајде сите како компании и тимови да ги тргнеме рамките и филтрите кои не би требало да постојат.

Да се задржиме на објективност наспроти субјективност, да излеземе од кутијата и да дадеме еднакви шанси на сите.

Бидејќи луѓето се тука, чекаат да бидат препознаени. Подготвени се да возвратат соодветно на дадената шанса, доколку се прифатени и третирани со достоинство и почит.