Моќта на убавиот збор

Инспириран од анкетата за Ангажираност на вработените (Engagement Survey) која ја спроведувавме со дел од нашите клиенти во 2023 година, но и од севкупните случувања во општеството и во светот овој блог пост го посветувам на моќта на убавиот збор како нешто што посакувам да е клучен фокус на секој од нас, а особено на раководните тимови.

Зошто баш зборот? Најчесто вербалната (или пишана) комуникација е начинот со кој почнуваме да креираме врска со други лица.

Велат дека зборот може да креира многу можности или едноставно да уништи!

Секој збор искажан или напишан креира некакви чувства за нас и за нашиот соговорник, а чувствата понатаму креираат одредени реакции и така се почнува.

Моќта на зборовите можам да ја споредам со ,,ефектот на пеперутката’’ од теоријата на хаос, метафора која вели дека ,,Пеперутка која мавта со крилјата во Бразил може да предизвика торнадо во Тексас’’.

Кога бев мал на училиште не учеа дека ,,Убавиот збор железни врати отвара’’… многу години подоцна можам само да го потврдам тоа. Убавиот збор креира убави чувства кај нас и кај соговорникот. Впрочем тоа го кажуваат (и го очекуваат) и самите вработени во организациите преку истражувањата кои ги спроведовме… потребно е само еден убав збор и некому да му го направите денот убав. Почнува со љубезно ,,добро утро’’ кога ќе дојдете на работа, со ,,те молам’’ кога делегирате обврски и ,,благодарам’’ на крај на секоја реченица.

Убавиот збор поткрепен со позитивни мисли, насмевка на лицето и правилна интонација е идеална комбинација која креира (свесно или несвесно) чувства многу поголеми од било кој ,,team building’’ или подароци итн. Ја зголемува ангажираноста на вработените, го поттикнува чувството на припадност и влијае на општата продуктивност и благосостојба на вработените. И ако го преведам сѐ ова од лидерство во родителство, истото важи и во односот со нашите деца. Без оглед на годините, нивните чувства се исто така основен двигател на благосостојбата.

За да го потврдам значењето и моќта на убавиот збор ќе се осврнам на едно научно истражување спроведено од меѓународно познатиот јапонски научник Масару Емото каде покажува како влијанието на нашите мисли, зборови и чувства врз молекулите на водата може позитивно да влијае на земјата и на нашето лично здравје.

Имено, во неговото истражувања а подоцна и илустрации докажува како енергијата генерирана од позитивни или негативни зборови всушност може да ја промени физичката структура на објектот.

,,Во своите експерименти, Емото истураше чиста вода во ампули означени со негативни фрази како „Те мразам“ или „страв“. По 24 часа, водата била замрзната и повеќе не се кристализирала под микроскоп: наместо прекрасни кристали слични на тантела, добила сиви, погрешно обликувани купчиња. Спротивно на тоа, Емото постави етикети на кои пишува „Те сакам“ или „Мир“ на ампули со загадена вода, а по 24 часа тие произведоа блескави, совршено шестоаголни кристали,,.

И ако веруваме на овие истражувања дека енергијата и зборовите влијаат на водата, а знаеме дека човечките суштества сочинуваат 60% вода тогаш имаме уште една причина повеќе да бидеме посветени и да ја разбереме моќта на убавиот збор. 

И многу е едноставно, потребно е само да сакате некому да го направите денот убав и да креирате позитивни и убави чувства, со тоа демонстрирате учтивост и почит кон луѓето… а некако сметам дека тоа почна да ни недостасува деновиве.

Воедно, Ви посакувам убава 2024 година, исполнета со убави мисли и убави зборови.

Поли

Успешно комплетирана тренинг програмата „Управување со човечки капитал“

Оваа недела се одржа и последниот модул од тренинг програмата „Управување со човечки капитал “.
На предавањата учество земаа 23 учесници: менаџери на сектори, менаџери на човечки ресурси и сопственици на компании кои во своето работење се соочуваат со предизвикот на привлекување, развој и задржување на вработени. Шестте модули се одвиваа во хотел Парк. Предавачите Дејан Ваневски и Поликарп Арсеновски од Тривити, енергично и несебично го споделија своето знаење со останатите присутни.
„Предавањата беа со посебна убава енергија, учесниците внимателно и ангажирано беа вклучени во активностите, мотивирани и инспирирани своето добиено знаење да го пренесат во своите организации, каде ќе целат кон подобрување на процесот на регрутација, ангажираност на вработените и управување со перформансите, планирање и развој на таленти и идни лидери, организациска култура, системот на плати, бенефиции и генерално, кон подобрување на управувањето со човечки капитал.“ – изјави Поликарп Арсеновски.
Особено сме задоволни што и мерењето на задоволството на приустните преку анкетниот прашалник е одлично. Сите 23 учесници, тренинг обуката ја имаат оценето со највисока оцена, а како најкорисни од сите предавања се издвојуваат практичните примери кои предавачите ги споделија.
Сите учесници имаа можност и за меѓусебно запознавање и поврзување за размена на искуства во нивните организации. Истите се стекнаа со сертификати за успешно завршена обука.
Дополнително, на последниот настан, содржината беше збогатена и со средба за вмрежување, каде беа поканети и лицата кои се учесници на бесплатната тренинг програма Кариерен развој, која како паралелна активност ја спроведува Тривити, за вработени и невработени лица, кои се во потрага по прва работа, ново работно место или развој на кариерата.
Во неформална атмосфера своите отворени работни позиции и идни планови за вработување ги претставија компаниите: Неоком, ИТ Лабс, Македонска асоцијација за човечки ресурси, Бучен Козјак, Катлановска бања, Ад Вербум, Галоп ДВ, Luthman Backlund Foods Production LLC, Адвокатско друштво Апостолска, Александровски и Партнери, АЛБО, Екстрабис, Хаселт, Акцент, Вивакс, Микеи Интернационал, Норлига, Јаболчело, Бета Консалтинг.
„Успехот на програмата е доказ за нашата непоколеблива посветеност за подобрување на растот и развојот на организациите, како и управувањето со човечкиот капитал. Позитивните повратни информации, трансформативните успешни приказни и препознатливоста во индустријата служат како мотивација за постојано усовршување и проширување на нашите понуди“ – вели Дејан Ваневски.
Додека ги славиме овие достигнувања, остануваме посветени на развивање на нашите програми за да ги задоволиме динамичните потреби на поединците и компаниите. Тривити е посветена да биде катализатор за позитивни промени, инспирирајќи ги поединците и организациите да напредуваат на пазарите кои постојано се развиваат.
Ја изразуваме нашата благодарност до сите учесници, партнери и гости кои придонесоа за успехот на тренингот. Нивната доверба и поддршка беа клучни во нашиот пат кон трансформирање на условите на пазарот на труд.
Оваа активност е ко-финансирана од Владата на Швајцарија преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ и Тривити.

Тривити имаше можност да се претстави пред 120 млади луѓе од регинот

Поликарп Арсеновски беше истакнат гостин говорник пред 120 млади учесници на Меѓународниот настан за мултипликатор во рамките на проектот Еразмус плус „Digi Coop for Youth employability“.
Тема на пленарната дискусија беше „Отклучување на можностите за прекугранични превозници меѓу Северна Македонија, Бугарија и Грција“, организирана од страна на „Младинска алијанса – Крушево“.

Поликарп на самиот настан говореше за добриот пример и успех на Тривити, како и идните проекти кои Тривити планира да ги развие за подобрување на можноста за вмрежувањето, соработката помеѓу претставниците на различни сектори и овозможување на младите од прекуграничните региони да бараат и да пристапат до нови можности.

Цел на проектот е да се зајакне соработката помеѓу Грција, Северна Македонија и Бугарија преку поддршка на онлајн вмрежување и соработка помеѓу претставници од различни сектори (млади, образование и бизнис), со фокус на решавање на невработеноста кај младите и обезбедување пристап на младите до нови можности и развивање на нoви можности за вработување и претприемачки компетенции.
Во името на Тривити и Поликарп им благодариме на Youth Alliance – Krusevo кои ja препознава Тривити како добра платформа за пронаоѓање на работа и одлична компанија која ги спојува луѓето кои бараат работа и компаниите кои вработуваат.