Како што наѕираше крајот на Ковид-19 кризата, така мислевме дека работите ќе се вратат по старо или пак потајно се надевавме. Не сакавме да ги прифатиме сигналите кои беа очигледни, а бранот на енергетска и економска криза дека ќе не покрие.
Но, дали новото нормално значи и живот во криза?
Не! Новото нормално подразбира агилност, креативност и храброст, со искрена надеж дека разумот ќе преовлада во воениот конфликт помеѓу Русија и Украина, и тој ќе заврши поскоро.
По азбучен ред, агилноста е способност системот брзо да одговори на промена преку приспособување на неговата почетна стабилна конфигурација, креативноста е чин на создавање на нешто ново, преку генерирање на идеи или комбинирање на постоечки концепти со одредена цел, а храброста е потфат да се излезе од одредена состојба за да се достигне слободата системот да функционира.
Ако системот го сочинуваат луѓето, тогаш појдовна точка на секоја организација во новото нормално треба да биде фокус кон човечкиот капитал. Знам колку е комплицирано така да размислуваме. И јас сум стопанственик и се соочувам со истите предизвиците како што е раст на цените и трошоците, пад на приходот и профитот, па понекогаш ме обзема чувството дека сум во слободен пад и без компас.
Зошто тогаш толку малку зборуваме, а и правиме за нашата најголема криза, човечкиот капитал. Како да не ги сфаќаме сериозно јавните податоци од последниот попис кои покажуваат дека изгубивме 9.2% од населението за период од 20 години, или пак податоците од истражувањето на Вестминистер каде 58% од младите се изјасниле дека би се иселиле од Македонија.
Дали е најголема криза човечкиот капитал?
Овие информации како да не ни ја потврдуваат кризата со човечки капитал во земјава, во која сме предолго време, а таа директно влијае на ефикасноста на оперативните процеси, продуктивноста и конкурентноста на организациите, но и на потрошувачката која всушност е основен двигател на економијата.
Заглавени каде што сме, на врат со дополнителните глобални влијанија, „удолу длабоко, угоре високо“.
Ако една од основните улоги на лидерот е да прави добро за луѓето во тимот, тогаш ние имаме обврска и можеме да придонесеме не само во рамки на организацијата, туку и да ја поттикнеме општествената одговорност – да придонесеме за и во заедницата.
Едноставно да се грижиме за благосостојбата на луѓето во тимот и организацијата, да ги растеме и развиваме, да обезбедиме конкурентен систем на плати и бенефиции, да ги слушнеме нивните потреби и предлози, да се грижиме за нивното ментално здравје, да креираме тренинг и развојни програми и храбро да ја поттикнеме креативноста.
Да поттикнеме тие да бидат агилни, што е пат до создавање на агилна организација која ќе може да се прилагоди на „новото нормално“ во која луѓето ќе отвораат нови хоризонти за себе и за бизнисот.
А камче по камче, мозаик во заедница која поедноставно ќе се носи со предизвиците кои и следуваат.
Затоа на глобалните предизвици треба да одговориме првенствено со нашиот основен, како да се справиме со кризата на човечкиот капитал. Да се вложиме НИЕ во создавање и задржување на агилните, креативните, храбрите, стручните и мотивираните луѓе, кои ќе нѐ движат напред и бизнисот и заедницата.
Ние како ТРИВИТИ, веќе две години се вложуваме во тоа заедно со Кариерниот центар на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, се вложуваме во развој на идните професионалци, држиме обуки преку Тривити – Кариерен центар, ги поттикнуваме младите стажанти на претприемачки чекори, се развиваме самите и знаеме дека само тоа е патот за посветли податоци за човечкиот капитал на земјава.
Ве покануваме да ни се придружите, бидејќи секогаш е подобро во друштво.