Тривити на JOB FAIR на Brainster

Вчера тимот на Thrivity беше дел од ЈOB FAIR организиран од страна на Brainster.
Среќни сме што бевме дел од ваков тип на настан каде имавме можност да се претставиме пред голем број студенти, идната сила на пазарот на трудот и да се запознаеме со претставници од присутните компании.
Ја преставивме приказната и можностите за вработување преку нашата компанија, како и новиот софтвер на Тривити за креирање на CV на 4 јазици.
Ваквите настани не мотивираат да продолжиме со нашата посветена работа, градејќи врски заедно.

Гостин – говорник Дејан Ваневски на DisruptHR во Скопје

Одвреме-навреме се појавува настан што ги размрдува работите, не тера да размислувате поинаку, не инспирира. Токму таков настан беше DisruptHR кој се одржа на 30ти мај оваа година во едукативниот културен центар Лабораториум, а на него зборуваше нашиот драг колега Дејан Ваневски кој со својата импресивна презентација и мотивирачки дух внесе свежина и инспирираше околу 100 слушатели и учесници на настанот.

Дејан Ваневски со неговата презентација на тема: Отклучување на потенцијалот: Поставување на талент онаму каде што може да напредува. Зборуваше за улогите на човечките ресурси во организациите, за основни бихејвиорални компетенции, основни активности  за човечки ресурси во денешницата и опфати уште неколку теми во своето 15минутно излегување.

DisruptHR е размена на информации кои се осмислени да пренесат искуство, да дадат енергија и моќ на луѓето во HR полето, светски познат интернационален настан што се одржува низ стотици градови ширум светот, а годинава по вторпат и во Скопје.

Ова е навистина интересен начин да се крене свеста за HR во нашата земја, да сподели некоја иновација и идеја која функционира во работата со луѓе, но, истовременоме и начин за зближување на HR заедницата.

4 години Тривити

Растеме со посветеност за позитивни промени.

Како што ја одбележуваме четвртата година од Тривити, се потсетуваме на нашите достигнувања во изминатата година. Во изминатите 365 дена, Тривити доживеа значителен раст и успех, благодарение на нашиот посветен тим и довербата на нашите клиенти.

Изминатава година изгледаше вака:

Повеќе од 10.000 пристигнати апликации за вработување, повеќе од 120 успешни приказни за посредување при вработување, повеќе од 200 денови поминати во консалтинг и менторски сесии надополнети со успешното комплетирање на програмите „Управување со човечки капитал“ и „Кариерен развој“ реализирани во временска рамка од 60 дена. Бевме гости на повеќе панел дискусии организирани од нашите партнери и соработници и учесници на Денот за кариерен развој во организација на УКИМ, гости предавачи на проектот Еразмус плус „Digi Coop for Youth employability“, организиран од Младинска алијанса – Крушево.

Покрај тоа, Тривити го прошири својот опсег и влијание со реализацијата на голем внатрешен проект за брендирање во новоотворената фабрика на BMZ Group во Скопје, меѓу другите успешно завршени проекти.

„И оваа година беше сведоштво за нашата непоколеблива посветеност да ги зајакнеме луѓето и да го поттикнеме успехот на пазарот на труд. Благодарни сме за укажаната доверба, а ние продолжуваме со истата посветеност кон нови успеси со фокус кон луѓето и управување со човечкиот капитал во организацијата и нејзината култура“ – изјави Поликарп Арсеновски основач на Тривити.

„Ќе продолжиме да им помагаме на луѓето, бизнисите и заедниците да напредуваат во свет кој постојано се менува, да ги поместуваме границите на она што е можно, добро и важно, а тоа се вработените во компаниите“ – изјави Дејан Ваневски партнер на Тривити.

Она со што се гордееме

Не може а да не го спомнеме Тривити софтверот, кој е срцето на сè што правиме и кој оваа година доби значителен апдејт, со цел подобрување на корисничкото искуство и јазичните функции. Со постојаното надградување и додавање на нови функционалности, сакаме да направиме тој да стане неизоставна и корисна алатка во секојдневието на барање работа и вработување и да биде прв избор за луѓето кои бараат работа, но и за компаниите кои вработуваат.

За крај, како секогаш остануваме отворени за сите ваши препораки, сугестии, можности за соработка – за сѐ она што може да го направи нашето секојдневие побогато за нови можности за сите. Тоа ќе ни биде најубавиот роденденски подарок.

Ви благодариме што сте дел од заедницата Tривити.❤️

Вашата постојана поддршка е нашиот најголем роденденски подарок. 🎈

Тривити софтвер – за луѓето кои бараат работа и компаниите кои вработуваат

Во пресрет на четвртиот роденден на Тривити, влегуваме во највозбудливата фаза од нашата приказна!

Се ближи четвртиот роденден на Тривити и влегуваме во навистина возбудлива фаза на нашата развојна приказна. За време на овој четврт роденден, се прашуваме: Зошто сме постојани, Како функционира тоа што го правиме и што е тоа што го нудиме што нè прави поинакви од сите други?

Во моментов, Тривити е многу повеќе од обична агенција за вработување. Со непрекинато развивање и постојани надополнувања, ние сме вистнинското лице на иновацијата во светот на вработувањето. Брендот Тривити претставува високо професионална и креативна енергија што нуди комплексни услуги од полето на управување со човечки капитал: регрутација, регрутмент маркетинг, консултантски услуги во доменот на организациски дизајн и управување со таленти и развој на луѓе, а ова е сѐ што е потребно за подобрување на работењето на компаниите.

Тривити софтверот е создаден од самиот почеток со јасна мисија – да ги спои луѓето кои бараат работа со компаниите кои вработуваат – Тривити софтверот е срцето на сè што правиме. Иако можеби најмалку познато, но Тривити се работи и се развива во позадина уште од март 2018 година, а софтверот е лансиран во Мај 2020 година. Но, ние не застануваме тука, затоа што постојано правиме надоградби кои носат нови бенефити и вредности како за луѓето, така и за фирмите.

Тривити софтвер

Основната идеја на софтверот е да го олесни процесот на барање работа и вработување, па според тоа Тривити софтверот може да се подели на два дела. Едниот дел е наменет за корисниците, односно луѓето кои бараат работа, а другиот дел за компаниите кои вработуваат.

  1. За луѓето кои бараат работа

Пред да кажеме збор/два за функционалностите, би сакале да кажеме дека за луѓето кои бараат работа користењето на софтверот е бесплатно, секаде и засекогаш. Е сега откако го расчистивме ова, друга работа што треба да знаете е дека сѐ почнува со креирање на личен кориснички профил на Тривити, кој понатаму се развива во креирање на CV според најсовремени стандарди. Временски гледано овој процес трае најдолго и бара да посветите околу 40-тина минути од вашето време. Наш совет е да ги следите сите чекори без прескокнување и пополнувањето да го направите веродостојно и искрено, бидејќи врз основа на вашите податоци, компетенции и претходни работни искуства алгоритмот кој работи во позадина ќе ве поврзе со најсоодветната работна позиција.

Предноста на креирање Тривити CV e тоа што софтверот ве става во листа на кандидати кои Тривити понатаму ги предлага на компаниите кои објавуваат огласи преку Тривити. Овој процес е анонимен и личните податоци се целосно заштитени. CV-то креирано преку Тривити не е брендирано и може без никаков проблем да се зачува на вашиот компјутер и да го користите за аплицирање на било кој оглас, било каде во светот.

Со новите функционалности кои ги додадовме со последниот апдејт, Тривити CV може да се направи на еден од четирите јазици кои се достапни на Тривити (македонски, англиски, албански и српски). Без разлика на кој јазик ќе биде креирано CV-то, истото може да се зачува во .пдф формат на било кој од останатите јазици.

Дали може да се прават промени во Тривити CV? Секако дека да. Секој пат кога имате нешто ново што сакате додадете или сметате дека некој дел не е битен за позицијата за која сакате да аплицирате едноставно логирајте се на вашиот профил и направете ги потребните измени.

Со креирање на Тривити CV, имате брз и лесен пристап до вашето CV од било кој електронски уред, а можноста за уредување ви овозможува на едноставен начин да ги направите потребните измени кога и да имате потреба за тоа.

  1. За компаниите

Покрај тоа што Тривити за компаниите нуди услуги поврзани со регрутација, регрутмент маркетинг и огласување кои се во линија со светските трендови, софтверот дава и дополнителна вредност на тоа како тие ќе се престават.

Слично како и кај личните профили, компаниите креираат свој компаниски кориснички профил кој служи за презентација на компанијата пред потенцијалните кандидати. И во овој случај колку е побогат профилот, толку повеќе информации за компанијата ќе можат да дознаат заитересираните кандидати.

Компаниите од својот профил можат да креираат оглас за работа, кој се објавува на сајтот на Тривити, а дополнително се спонзорира и на социјалните медиуми со цел да има поголема видливост. Заинтересираните кандидати можат да аплицираат на објавениот оглас, а дополнително компаниите можат да ја користат и базата на Тривити за да поканат апликанти со искуство и со аспирација за работа на позицијата според нивниот оглас. Користењето на Тривити софтверот е многу едноставно и компаниите добиваат целосна поддршка од Тривити.

Што се однесува до објавените огласи, тие се прегледни и нивното прикажување е хронолошко – најновите објавени огласи се прикажуваат први. Колку повеќе информации содржи самиот оглас, толку се поголеми шансите да привлече поголем број на заинтересирани кандидати. Доколку во самиот оглас се назначени плата и бенефиции, тие ќе бидат први видливи, со што привлекуваат повеќе апликанти.

Сите апликанти за секој поединечен оглас се прикажуваат на едно место и компаниите можат да управуваат со апликациите веднаш, без да има потреба да прават download. За кандидатите кои не се одбрани да продолжат со процесот на интервјуа, направена е предефинирана порака со која се известуваат дека не се одбрани во потесната селекција, а која може да се испрати по мејл или по смс. Листата на апликанти е прегледна и наменета да служи како алатка за регрутација.

Друга функционалност овозможува CV-јата на кандидатите да се испраќаат по мејл и клиентот ги добива правилно именувани по следниот редослед: датум на аплицирање, име и презиме и работна позиција.

Современи модели на работа

Не е никаква тајна дека кога станува збор за работа, честопати се случува да го делиме времето на пред и после пандемијата. Иако Ковид и „затворањето на светот“ не беше толку одамна, не може а да не кажеме дека таа направи тектонски промени во начинот на живеење, работење, комуникација со колегите и претпоставените. Многу компании не ја преживеаа пандемијата, работници останаа без работа, голем број други своеволно или принудно направија промена на работните позиции, дел сеуште се опоравуваат, а има и такви кај кои целосно се промени начинот на работа.

Што тоа значи? Компаниите во моментов се соочуваат со предизвикот да држат чекор со промените и да развиваат нови, иновативни, па и флексибилни модели на работа со цел да ги задоволат барањата и потребите на вработените. Во продолжение малку повеќе ќе се позанимаваме со состојбите на пазарот на труд, трендовите и ќе ги разгледаме предностите и недостатоците на новите работни модели.

Дебатата за работните часови на работниците има долга историја. Законската регулација на работните часови во Европа датира од 19 век. Во почетокот работниот дел траел 11 часови, работната недела броела 6 дена, а едниствен ден за одмор бил недела. Во првата половина на 20тиот век, работниот ден се смалил на 8 работни часа, а работата недела траела 48 работни часа. Дури во седумдесетите години на дваесетиот век била воведен работниот модел кој го знаеме денес – 40 часовна работна недела и одмор за викендите.

Денес се наоѓаме пред нов предизвик, во кој се почесто се разгледуваат моделите на дополнително намалување а работните часови, како и намалување на работната недела на 4 работни дена.

За време на пандемијата голем број на организации беа принудени да испробуваат нови начини на работа со цел непречено одвивање на работниот процес, а еден од моделите кои се покажаа како најефикасни беше токму работењето од дома. Иако веќе работите се вратени во нормала и светот функционира без никакви ограничувања, голем број компании продолжија да го практикуваат моделот на работење од дома, со доаѓање во канцеларија по потреба. Таканаречениот хибриден модел има свои предности, но покренува и неколку прашања кај одговорните, меѓу кои најпоставувани се: Како ќе го контролираат тимот ако не го гледаат и колку се навистина продуктивни вработените кога работат од дома?

Од друга страна гледано платата сеуште се пресметува според класичниот модел на работа: финансиска компензација во замена за работното време, па тука се поставува уште едно прашање: Дали намалувањето на работните часови би значело и пониска плата за работникот? Финансиската компонента сеуште игра голема улога во изборот на работно време, па може да кажеме дека суште не сме подготвени за намалување на работните часови. Барем не додека не се направи сериозна анализа која ќе ги земе предвид и продуктивноста и работните часови на работниците.

Исто така, додека одредени работни позиции може да функционираат по хибриден модел, кога станува збор за високи (менаџерски) позиции, тие сеуште се огласуваат на полно работно време.

Голем број експерти во областа се сложни дека е потребно да се промени класичната пресметка на работни часови врз основа на кои се одредува висината на платата и треба да се вреднува ефикасноста на работникот. Секако ова нема да биде возможно да се спроведе во секоја индустрија, бидејќи сеуште постојат индустрии (пред се производствени) каде што повеќе работа се завршува доколку работникот има повеќе време. Различни индустрии и професии ќе мора да направат индивидуални модели за организирање на работните часови кои имаат специфични побарувања. Тоа значи дека во некои области ќе може без проблем да се воведе систем на флексибилни работни часови, додека во други ќе продолжи да функционира класичниот систем.

Никако не смееме да ја заборавиме и вештачката интелегенција, чија примена од ден на ден станува се поголема. Многумина сметаат дека токму таа ќе ја зголеми ефикасноста, ќе ги забрза промените во следните неколку години и засекогаш ќе направи промена во описот и барањата на голем број работни места.

Сакале ние да признаеме или не, иднината е тука и таа носи големи промени во начинот и досегашните модели на работа. Доколку сакаме да бидеме во чекор со времето не треба да се плашиме од промени и мора да пронаоѓаме модели на работа кои ќе ги задоволуваат индивидуалните потреби на вработените, но и барањата на компаниите. Флексибилноста и уредувањето на работното време треба да бидат придружени со соодветни анализи и евалуација на перформансите и крајниот резултат со цел да изградиме и да промовираме работна култура која ќе биде ориентирана кон иднината.

Разбивање на бариерите и инспирација за успех во кариерата

Избирајќи тема за нашиот следен блог-пост во разговор со колешката отворивме неколку теми и се согласивме да го посветиме на НЕА – жената во бизнисот, еднаква застапеност на жените на различни позиции и во професии на кои до сега ретко се среќавала.

Првата асоцијација на Денот на жената ми се малите дечиња и учениците кои со насмевка на лицето се собираат пред училиштата, со внимателно одбрани подароци и цвеќиња во рацете со возбуда очекуваат да ја видат реакцијата на својата наставничка. Возбудата доаѓа од важноста на моментот. Еден ден во годината учениците оддаваат признание на жената која со својата професија им се посветува целосно во најважниот период на нивниот живот. Оваа слика секогаш ми ги буди најнежните чувства и ме потсетува на важноста која ја имаме кога активно сме вклучени во општествените случувања. Во минатото имало строго машки професии… учители, доктори, инженери, архитекти, возачи итн. Денес имаме среќа да ги уживаме убавините на професионална исполнетост и радост што имаме шанса да дадеме придонес во науката, економијата, политиката.

Денот кој го посветуваме на жените, на 8-ми Март се одбележува на светско ниво во знак на борбата на жените за социјална, политичка, економска и полова рамноправност.

Историја

Првите знаци на движење и подигање на свеста кај жените се настаните во САД , Социјалистичкото движење во чест на штрајкот на конфекциските работнички во Њу Јорк во 1908 година каде жените протестираат против условите за работа.

Обиди за промени во општеството по прашње на правата на жените и нивното интегрирање  имало многу порано, во 1848 говорот на  Elizabeth Cady Stanton и Lucretia Mott на конвенцијата и борба за укинување на ропство во Америка, но како официален почеток на борбата се смета кога движењето се пренело во Европа. Во месец март се случиле низа историски настани поврзани со  правата на жените, 1910 Интернационална социјалистичка конференција во Копенхаген, Данска. На 19 март 1911 година, првиот Меѓународен ден на жената бил одбележан од над милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија. Само во Австро-Унгарија 300 демонстрации со жени кои парадирале на Рингштрасе во Виена, носејќи транспаренти во чест на мачениците на Париската комуна. Низ Европа, жените барале право на глас и на јавна функција и протестирале против полова дискриминација при вработување. Од 1977 Организацијата на Обединети нации и официјално го признава 8-ми Март како International Women’s Day.

Знаејќи ги овие историски факти и секогаш водени од знаењето и вредностите кои како колеги ги делиме, во темелните вредности на Тривити ги имаме проткаено правата и слободата на изразување на луѓето, во сите аспекти на нашето делување. Во нашата мисија да создадеме транспарентен и конкурентен пазар на труд, луѓето се пред се и тука за поделби или дискриминација едноставно нема простор. Низ процесите имав среќа да запознам врвни професионалци во својата област и да, голем дел од нив се жени.

Во проценти

Во текот на 2023 година дел од активностите на кои одделивме најголем дел од времето беа процесите на регрутација во кои имавме прилика да бараме работни позиции од различни профили. Анализата на резултатите покажа интересна состојба: 70% од вработените кандидати беа жени 😊. Ако погледнам по работна позиција, имавме менаџер за финансии, бренд менаџер, менаџер за квалитет во производствена компанија… специјалист во областа финансии, главен сметководител, специјалист за набавки, оператори во производство и многу други. Сепак, оваа година, имаме еден проект кој е наша мала гордост, а тоа е регрутација за позицијата Генерален манаџер во интернационална компанија, глобален лидер во производство на литиум-јонски батерии – каде меѓу силната конкуренција на кандидати, заслужено беше одбрана жена.

Преземење иницијатива за личен и професионален развој:

Минатата година се посветивме на тренинг програмите од нашиот Тривити Кариерен центар, како дел од програмата за зголемување на пазарната вработливост на IME, ко-финансирана од Владата на Швајцарија.

Имавме 6 едукативни сесии на тема Управување со човечки капитал каде предавачи беа колегите Дејан и Поли, ама ништо немаше да биде возможно без несебичната поддршка на нашите Марија и Фросе. И да не должам, на сликите најдобро се гледа дека од 27 учесници 25  (92%) се млади успешни дами посветени на личен и професионален развој. Ова ни дава за право да заклучиме дека жените се многу посвесни за потребите за учење и надоградба, некриејќи се зад macho стереотипот.

Нашата Марија Акимовска паралелно, во истиот период спроведе бесплатана онлајн обука за Кариерен развој. Во период од 4 сесиии распоредени низ 3 недели имавме група од 50 учесници и тука во 80% од учесничките беа жени.  

Во таа насока, би кажала дека сум благодарна за секоја соработка која Тривити ја има со клиентите во консалтингот и воопшто во проектите во кои ни се придружија нашите не само соработнички, веќе пријателки секоја со својата екпертиза на: новинар и ПР екперт, генерален менаџер на компанија, психолог (Активатор), тренер за личен развој… имињата ќе ги пронајдете помеѓу редови😊

Верувањето дека жените се нежни е точно, но спрема своите најблиски, спрема оние на кои нивната нежност е неопходна, но во професијата ја покажуваат другата страна на медалот. Тука доаѓа до израз целата цврстина, ментална и физичка, посветеноста и истрајноста да се изборат и да отидат до крај. Непрекинато учење  и работа на личен развој, се гледа низ мал дел од проектите кои заедно ги поминавме минатата година, додека активно учество во развојните програми и иницијативата која ја покажуваат жените менаџери се само доказ на таа посветеност за која претходно споменав.

Драги пријателки, колешки, соработнички, Честит 8-ми Март и ви посакувам храброст за новите предизвици, мудрост за важните одлуки и истрајност за тековните проекти.

Марија Ваневска

Employee Appreciation Day и дали доволно ги цениме нашите вработени

Вработените во тимовите за Човечки ресурси во компаниите би требало да имаат слушнато за Employee Appreciation Day, но доколку не, еве добра можност да се запознаеме подобро со овој ден и што тој претставува.

Прво морам да напоменам дека искрено се потрудив Employee Appreciation Day да го преведам на македонски, но најблиску што можев да стигнам е Ден за благодарност кон вработените. Сепак, преводот и не е толку важен, колку што е важно значењето на самиот ден.

Во суштина Employee Appreciation Day се одбележува секој прв петок во Март (во случајов 01ви Март) и претставува ден во кој работодавачите насекаде низ светот им оддаваат благодарност или признание на работниците за нивната работа. Ние во Тривити сметаме дека тоа треба да биде секојдневна пракса, бидејќи работниците се движечката сила без која не може да се замисли ниту една компанија, но и еден ден е добар почеток.

Живееме во време на голем јаз помеѓу очекувањата на работодавачите и работниците и секојдневно се соочуваме со ситуации во кои работниците полесно се одлучуваат да заминат на сезонска работа во странство, отколку да работат тука, па некако природно се наметнува прашањето: дали доволно ги цениме нашите вработени? Темата е широка и може да се дебатира долго и да не стигнеме до универзален одговор, но затоа одговорот на едно друго прашање е доста лесен: Дали можеме да направиме нешто повеќе за нив? Секако дека да.

Кога ги гледате работите низ призма на бројки, годишни планови, финансиски калкулации и бркање таргети може лесно да се заборави дека вработените не се комодитет – тие се пред се луѓе и препознавањето на нивниот труд и ангажираност доведува до тоа да бидете препознаени како внимателни лидери, кои вистински се грижат за вработените.

Целта на одбележувањето на овој ден е на еден симболичен начин да покажеме дека се грижиме за нашите вработени. Грижата за вработените може да го подобри моралот, да ја зголеми продуктивноста, да ја намали флуктуацијата на вработените, може да помогне во креирање на култура на поддршка во компанијата и да ги подобри односите на релација работодавач – вработен.

А како може тоа да го направите?  Во продолжение, неколку идеи и предлози со кои ќе им покажете на вработените дека ви значат и дека се грижите за нив на овој симболичен ден:

  1. Персонализирани „Ти благодарам“ пораки – Дали ќе ги праќате по мејл или ќе ги напишете рачно оставам на вас. Јас лично сум стара школа и сметам дека рачно напишаните пораки се секогаш подобри.
  2. Симболична церемонија на доделување признанија – Одвојте ги последните часови од работниот ден за доделување на забавни признанија за вработените. Пример награда за: „Најдолга пауза“, „Најмногу испиени кафиња“, „Спанко/а на годината“и сл.
  3. Организирајте ручек – Нарачајте пици за сите вработени или омилените јадења или доколку е изводливо излезете порано од работа и однесете ги вработените на заеднички ручек.
  4. Гејминг деј – Организирајте турнири во видео игрици или некој канцелариски спорт (пикадо, табла, фудбалче), нешто во што сите можат да учествуваат.
  5. Поставете кафе станица и снек бар – Одлична можност вработените да имаат на располагање добро и свежо кафе и грицки за време на работниот ден. Нека одмори малку вендинг машината.
  6. Уникатни подароци – подарете уникатни, рачно изработени подароци на вработените

Ова се само неколку предлози, а има уште многу. Што и да решите да правите нека биде искрено и во прв план нека бидат вработените. Немојте да настапувате со нешто помпезно и гламурозно што ќе го снимите и ќе се врти два месеца на интернет, а суштински да нема никаква позитивна промена.

За крај, не дозволувајте грижата за вработените да се сведе на еден ден во годината бидејќи тоа претставува повеќе од само календарски настан. Наместо тоа, негувајте култура на континуирано вреднување на вашите вработени. Иако тоа е процес кој бара постојани напори од работодавачите и од вработените, не може да не се сложиме дека колку повеќе инвестирате во вработените, толку повеќе вашиот тим ќе биде посилен и вашата организација поуспешна.

Јанко Смилевски

7 Совети за кариерен развој

Во изминатиот период во Тривити организиравме тренинг програма за Кариерен развој, наменета за вработени и невработени лица, кои сакаа да се стекнат со нови знаења и алатки, со цел пронаоѓање работа, промена на работно место и развој на кариерата.

Работејќи со учесниците во рамки на сесиите и со кандидатите за работните позиции за кои посредуваме, имав можност да запознаам различни профили од аспект на образование, професија, искуство, возраст, потреби и желби. Некои од нив, земајќи ги предвид аспектите кои го сочинуваат нивниот профил, имаа визија краткорочно или долгорочно кон што би се стремеле и кој би бил нивниот следен професионален предизвик. Добар дел ја чувствуваа потребата од промена на работното место, но често ги слушав коментарите: „не знам од каде да почнам“, „како да продолжам од тука, па натаму…“, „дали правилно ќе го изберам следниот чекор“, „ризично е, да не згрешам“. И сите се сложивме дека предизвиците со кои се соочуваат им се реални и заеднички:

  • Пред се, тешко донесување одлука за барање на работа или промена на работно место – да се договориме сами со себе што навистина сакаме
  • Да се себеспознаат – кој/а сум и што сакам
  • Чувствуваат страв да започнат, страв да направат промена
  • Имаат недоверба кон процесот, кон компаниите и менаџментот
  • Им недостига знаење од каде да започнат
  • Намалена самодоверба – дали ќе бидам доволно добар/ра на новото работно место
  • Притисок од разни стереотипи (образование, искуство, пол, возраст…)
  • Постоечки разлики помеѓу понудата и побарувачката
  • Немање доволно информации за центри за кариерно советување и можности за преквалификација
  • Претходни лоши искуства заради недостиг на структуриран ‘onboarding’ процес во компаниите
  • Неподготвеност за прилагодување од двете страни – компании и баратели на работа
  • Зголемени трошоци за живот и потреба од прилагодување
  • Недостиг на лидерство во рамки на компаниите и на раководните позиции

Списокот можевме да го прошириме, верувам секој имаше уште нешто да додаде, но се сложивме дека покорисно за сите е да се обидеме предизвиците да ги претвориме во можности, на дилемите да најдеме решенија, на прашањата да дадеме одговори и да ја надминеме оваа состојба.

Па започнавме од тоа дека треба да донесеме одлука. Дали сакаме да најдеме работа, дали сакаме да направиме промена и колку сме одлучни во тоа? Ова е првиот и најважниот чекор – да се договориме со себе која ни е целта, кои ни се опциите, кои се позитивни и негативни страни и конечно да одлучиме.

Самоевалуација – да се спознаеме себе си. Едноставно да тргнеме од тоа кои се нашите интереси – што ни привлекува внимание, ни буди љубопитност, има значење за нас, каде и како би сакале да работиме. За таа цел може да се послужиме со тестови кои ќе ни помогнат во дефинирање на интересите. Потоа, какви компетенции поседуваме – нешто за што имаме самодоверба, имаме дадена доверба од други лица и докажани резултати. И нашите вредности, уникатната суштина, највисоката форма на изразување и поврзување – што и кои сме во сегашноста, уверувања за тоа што е важно, а пожелно да е усогласено со компаниските вредности, бидејќи само така ќе има задоволство во работењето, постигнати резултати и достигнати цели.

Зајакнување на работната етика и самодисциплина како состојба на умот, значајна за успех не само во професионалниот, туку и во приватниот живот. Спој од начинот на однесување, морални принципи, вредности, верување, убедување – какви сме ние и како се однесуваме кон работата и воопшто кон обврските во животот. Никој не е роден со силна работна етика – таа се креира и се тренира уште од најрана возраст и зависи само и единствено од нас.

Одржување кондиција преку култура на континуирано учење, која ќе не направи различни и конкурентни. Стремење да го претвориме фиксниот ум во развоен, со што ќе имаме позитивен став, зголемена самодоверба и резилиентност, ќе водиме исполнет и свесен живот.

Подготовка на личен развоен план за вработување. Одредување на главна цел, разделување на помали, краткорочни цели и активности и внимавајте, важно е да се одредат датуми и рокови, како не би останале само желби. Издвојување на потенцијални работни позиции и компании, каде би биле среќни, задоволни и посветени, мотивирани да го дадеме најдоброто од себе.

Активности за вмрежување. Најдобро поврзаните луѓе се едни од најуспешните. Времето инвестирано во вмрежување секогаш се исплатува. Воспоставување односи со клучни луѓе кои можат да ни помогнат да научиме нешто ново, да дојдеме до нова работа. Градење релации, а не „фаќање врски“. Пријатели и доверба се стекнуваат, тоа е двонасочна улица на давање-земање и долготраен процес. 

И секако, да побараме пријател. Тимот на Тривити секогаш се повикува на својата прва вредност, а тоа е Луѓето пред сѐ!. Моите колеги и јас сме посветени да го споделиме нашето знаење и да поттикнеме личен и професионален раст кај сите баратели на работа. Оттука, имајте нѐ за ваш несебичен пријател, чија врата е секогаш отворена, за секој оној кој е во процес на барање работа, има потреба од советување, насочување и поддршка.

Марија Акимовска

Нова година на нова работа?

Како да останеме фокусирани на нашите цели….

Првите денови во новата година се периодот кога многумина од нас со „полни гради“ ја дочекуваат Новата Година со листа на желби и нови цели. Една од најчестите желби кои ги има секој поединец е да има или да најде добра работа каде ќе биде мотивиран, вреднуван и ќе може да напредува. Без разлика дали бараме промена во кариерата, повисока плата или само сакаме да ги зголемиме своите компетенции и да станеме ценети на пазарот на труд, останувањето фокусиран и недозволувањето да не повлече вртлогот од морето секојдневни обврски е од суштинско значење за успехот.

Го споменав зборот желба, па ќе го поврзам со т.н. Новогодишни резолуции (New Year Resolution) во кои луѓето веруваат дека токму во новата година ќе го направат и поправат се она што „пропуштиле“ да го направат во минатата. Еве неколку клишеа во кои се пронајдов себе или некои од моите пријатели и колеги:😊

„Оваа година ќе вежбам редовно“

„Од јануари ќе започнам да се хранам здраво“

„Од 01-ви вртам нов лист, нема веќе да останувам доцна на работа и ќе посветам повеќе време на семејството“

„Оваа година ќе бидам поорганизиран“

„Од утре ќе почнам да работам на својот личен развој“

„Нема веќе да ме нервираат секојдневните проблеми“

Ако сакаме вистински да направиме промена, ќе треба да престанеме со желбите и празните ветувања и да направиме план.

„Цел без план е само желба“ Антоан де Сент Егзипери

Правење план за промена на кариера или надоградба на постоечката звучи едноставно да се направи, но верувајте, од искуство во работа со луѓе повеќе од 20 години, не е воопшто лесно. Потребно е високо ниво на самосвесност, пожртвуваност и дисциплина за да се оствари истото.

Според пишувањето на Indeed, објавено во февруари 2023 година https://cutt.ly/ewJYqYBK постојат повеќе предизвици и бариери за напредување во кариерата, и тоа:

  • Недостаток на квалификации
  • Немање доволно искуство
  • Недостаток на самодоверба
  • Промени во индустријата
  • Страв од неуспех во нова улога/средина
  • Немање време
  • Страв од промени
  • Финансиски обврски
  • Нејасни цели
  • Заситеност (burnout)

Овде се неколку препораки за ги зголемите шансите за нова и подобра работа:

Рекапитулација на минатата година

„Историјата е учителка на животот“ (“historia magistra vitae est”) – Латинска поговорка

Најпрво, неопходно е на почетокот на годината да седнеме и да направиме ретроспектива на претходната. Ќе видите колку е тешко да се присетиме на најважните работи што сме ги направиле, што е тоа што сме промениле кај себе, а што е тоа што сме пропуштиле да го направиме.

Подготовка на SMART Цели (Специфични, мерливи, достижни, релевантни и временски определени):

Главниот чекор за развој на личен и професионален план е поставување јасни цели. Потоа, главната цел разделете ја на поголем број помали и полесно остварливи задачи. На пример, ако сакате да ја промените индустријата, дефинирајте ги неопходните чекори, како што се стекнување на нови вештини, ажурирање на вашето CV, контакт со пријатели и познаници кои работат во таа индустрија. Со дефинирање на специфични и остварливи краткорочни задачи и цели ќе го задржите чувството за напредок и мотивација во текот на процесот.

Бидете реални со роковите

Утврдувањето на реалистичен рок за остварување на целите е од суштинско значење. Иако ентузијазмот е за секоја пофалба, клучно е да разберете дека значителните промени не се случувааат преку ноќ и бараат повеќе време. Поставете реални рокови за секој чекор, водејќи сметка за времето потребно за стекнување на вештини, пребарување на огласи за работа и можни интервјуа. Така ќе бидете фокусирани на краткорочните задачи, без да се преоптоварувате со големата цел.

Инвестирајте време и ресурси во развој на вашите компетенции

Во денешниот динамичен пазар на труд, останувањето конкурентен често бара стекнување на нови вештини и компетенции, како и подобрување на постоечките. Идентификувајте ги вештините кои се релевантни за вашето идно посакувано работно место и вложете време/енергија во нивното развивање. Обуки, работилници и настани за вмрежување се вредни ресурси за стекнување на нови знаења и следење на трендовите. Само на овој начин ќе ја подобрите вашата вработливост и ќе останете конкурентни. Затоа не чекајте, направете си план за развој на компетенциите и фокусирајте се на конкретни задачи и проекти за да може навистина да докажете дека сте ги развиле и напреднале во истите.

Градете мрежа на професионални и приватни контакти

Вмрежувањето е моќна алатка за напредок во кариерата. Придружете се на професионални групи на социјални мрежи и поврзете се со професионалци во вашата посакувана област. Градењето на мрежа на контакти може да обезбеди вредни идеи, менторство, дури и можност за вработување. Не се колебајте да контактирате поранешни колеги или познаници и секогаш бидете подготвени да одвоите време за кафе. Имајте едно во предвид, вмрежувањето е двонасочен процес на градење на взаемно корисни односи. Обидете се да не бидете досадни и наметливи, напротив, бидете природни, внимателни и прилагодливи.

Посветеност и резилиентност

Преодот кон нова работа или ново работно место може да биде сериозен предизвик и носи несигурности. Кога ќе се соочите со одбивање или неочекувани пречки, користете ги како можност за учење. Бидете подготвени да ги прилагодите целите и стратегијата, барајте повратна информација и нека не ви паѓа духот. Некогаш, работите се случуваат кога најмалку очекувате, треба само да се „склопат коцките“. Неколку мои пријатели беа во ситуација на губење на елан при барање нова работа заради кратките рокови, страв и финансиските обврски. За среќа и со поддршка од вистински пријатели и добра мрежа во дадени моменти се случија вистински пресврти и истите тие луѓе денеска се на нови подобри работни места и се позадоволни и исполнети. Резилиентноста е клучна карактеристика која не само што ви помага да ги надминете пречките, туку и ја покажува вашата способност за справување со предизвиците пред идните работодавачи.

Наместо заклучок

Потрагата по нова и подобра работа бара посветеност, фокус и планирање. Ако поставиме јасни цели и краткорочни задачи, имаме добра мрежа на колеги и пријатели, бидеме прилагодливи и резилиентни, негуваме силен дух и се грижиме за физичкото здравје, тогаш шансите за успех ни се зголемуваат. Само со добар план и доследност во остварувањето на истиот може да очекуваме напредок.

Ви посакувам многу среќа, здравје и успех во 2024 година!

Деки

Моќта на убавиот збор

Инспириран од анкетата за Ангажираност на вработените (Engagement Survey) која ја спроведувавме со дел од нашите клиенти во 2023 година, но и од севкупните случувања во општеството и во светот овој блог пост го посветувам на моќта на убавиот збор како нешто што посакувам да е клучен фокус на секој од нас, а особено на раководните тимови.

Зошто баш зборот? Најчесто вербалната (или пишана) комуникација е начинот со кој почнуваме да креираме врска со други лица.

Велат дека зборот може да креира многу можности или едноставно да уништи!

Секој збор искажан или напишан креира некакви чувства за нас и за нашиот соговорник, а чувствата понатаму креираат одредени реакции и така се почнува.

Моќта на зборовите можам да ја споредам со ,,ефектот на пеперутката’’ од теоријата на хаос, метафора која вели дека ,,Пеперутка која мавта со крилјата во Бразил може да предизвика торнадо во Тексас’’.

Кога бев мал на училиште не учеа дека ,,Убавиот збор железни врати отвара’’… многу години подоцна можам само да го потврдам тоа. Убавиот збор креира убави чувства кај нас и кај соговорникот. Впрочем тоа го кажуваат (и го очекуваат) и самите вработени во организациите преку истражувањата кои ги спроведовме… потребно е само еден убав збор и некому да му го направите денот убав. Почнува со љубезно ,,добро утро’’ кога ќе дојдете на работа, со ,,те молам’’ кога делегирате обврски и ,,благодарам’’ на крај на секоја реченица.

Убавиот збор поткрепен со позитивни мисли, насмевка на лицето и правилна интонација е идеална комбинација која креира (свесно или несвесно) чувства многу поголеми од било кој ,,team building’’ или подароци итн. Ја зголемува ангажираноста на вработените, го поттикнува чувството на припадност и влијае на општата продуктивност и благосостојба на вработените. И ако го преведам сѐ ова од лидерство во родителство, истото важи и во односот со нашите деца. Без оглед на годините, нивните чувства се исто така основен двигател на благосостојбата.

За да го потврдам значењето и моќта на убавиот збор ќе се осврнам на едно научно истражување спроведено од меѓународно познатиот јапонски научник Масару Емото каде покажува како влијанието на нашите мисли, зборови и чувства врз молекулите на водата може позитивно да влијае на земјата и на нашето лично здравје.

Имено, во неговото истражувања а подоцна и илустрации докажува како енергијата генерирана од позитивни или негативни зборови всушност може да ја промени физичката структура на објектот.

,,Во своите експерименти, Емото истураше чиста вода во ампули означени со негативни фрази како „Те мразам“ или „страв“. По 24 часа, водата била замрзната и повеќе не се кристализирала под микроскоп: наместо прекрасни кристали слични на тантела, добила сиви, погрешно обликувани купчиња. Спротивно на тоа, Емото постави етикети на кои пишува „Те сакам“ или „Мир“ на ампули со загадена вода, а по 24 часа тие произведоа блескави, совршено шестоаголни кристали,,.

И ако веруваме на овие истражувања дека енергијата и зборовите влијаат на водата, а знаеме дека човечките суштества сочинуваат 60% вода тогаш имаме уште една причина повеќе да бидеме посветени и да ја разбереме моќта на убавиот збор. 

И многу е едноставно, потребно е само да сакате некому да го направите денот убав и да креирате позитивни и убави чувства, со тоа демонстрирате учтивост и почит кон луѓето… а некако сметам дека тоа почна да ни недостасува деновиве.

Воедно, Ви посакувам убава 2024 година, исполнета со убави мисли и убави зборови.

Поли