Колку губи компанијата од погрешен избор на вработен?

Секој избор на нов вработен во нашиот тим е предизвик. Доколку е соодветен носи додадена вредност на компанијата, ни купува време, позитивно влијае на луѓето и на организацијата, гради партнерска врска со надворешните соработници и на крај носи дополнителни приходи и профит.

Но, што ако сме ја „утнале“ работата и довербата сме ја дале на вработен кој не е она што ние сме очекувале и барале.

Позицијата на работодавач има многу искушенија, за некои од нив лекциите ги учиме во движење, а за некои скапо плаќаме. И во многу ситуации се фаќаме прво за цената, ама таа не е пресудна ако се прашаме, колку скапо ќе го платиме изборот на несоодветен нововработен?

И според споменатиот редослед, погрешниот избор на нов вработен член во тимот нам ни:

  • Троши време
  • Негативно влијае на луѓето и самата организација
  • Ги руши партнерските врски со надворешните соработници / клиенти и
  • Креира намалени приходи и профит

1. Погрешен вработен троши време

По 22 години искуство во процесот на вработување на нов кадар во десетина земји во регионот се обидов да направам временска рамка на чинење при несоодветен избор на секој нов член во тимот и таа изгледа вака:

календар - погрешен избор на вработен

Време потребно:

За претселекција и селекција30 дена
За иницијален тренинг (Basic Onboarding)15 до 45 дена
За првични резултати (Initial Results) / (Критична точка)60 до 90 дена
За имплементација на План за подобрување на перформансите (PIP – Performance Improvement Plan)60 до 90 дена

И потоа повторно, процес на претселекција и селекција. Просечното време кое сме го посветиле на новиот вработен е 150 дена, односно 20 работни дена во месец или седум и пол месеци.

Упс! Поминала годината, а ние сме на повторно на почеток.

2. Погрешен вработен негативно влијае на луѓето и самата организација

Изборот на несоодветен нов член на тимот не е само предизвик за компанијата. Нашиот избор негативно влијае и на лицето, предизвикува незадоволство, неисполнетост, разочарување, фрустрации и доведува до состојба на целосна неангажираност (Actively disengaged). Во ваква состојба, лицето сакајќи или ненамерно влијае негативно на луѓето и на самата организација. Ова однесување го нарекуваме „токсично“ и доколку не е контролирано може многу брзо да се прошири во организацијата.

Луѓето кои се инволвирани во иницијалниот тренинг, вклучувајќи ги и сите соработници стануваат незадоволни од атмосферата и резултатите, затоа што треба да вложат дополнителни напори, па дури и да работат дел од работата која е предвидено да ја работи тоа лице.

Дополнително, изборот на несоодветен нов вработен може да ја доведе во прашање и репутацијата на топ менаџментот за нивните способности во областа на проценка на потребни квалификации, а пак тоа да резултира со создавање на недоверба и нарушување на односите во тимот.

Всушност изборот на несоодветен нов вработен отвара повеќе предизвици, вклучувајќи ја и репутацијата на компанијата, за кои подоцна ќе ни биде потребна инвестиција од повеќе време и средства во целата организација, за да можеме да ги вратиме нештата во нормален тек.

3. Погрешен вработен ги руши партнерските врски со надворешните соработници/клиенти

Нарушувањата, како што се: квалитетот на услугите, производите, односите со соработниците и клиентите се само некои од влијанијата кои произлегуваат од изборот на несоодветен нововработен. Тие поместувања во односите влијаат врз репутацијата на компанијата како ценет партнер, па дури и може да предизвикаат ризик од крајни размери, прекинување на соработката. Ваквиот резултат директно влијае на продуктивноста на компанијата и на реализацијата на целите, вклучувајќи и пад на приходите и профитот.

4. Погрешен вработен креира намалени приходи и профит

Дали можеме да го пресметаме негативното влијание врз бизнисот од аспект на приходи и профит на изборот на несоодветен нов вработен?

Да, можеме.

Формулата е веќе позната и ја има консултантската куќа GALLUP, која спроведува истражување за нивото на ангажираност на вработените (Engagement Survey) уште од 2000 година.

Според истражувањата на GALLUP вработените во компаниите кои се активно неангажирани (Actively disengaged) имаат 37% повеќе отсуства од работа, помалку се продуктивни за 18% и влијаат негативно на профитабилноста со 15%. Кога ова ќе го претворите во бројка произлегува дека загубата на еден вработен кој е целосно неангажиран (Actively disengaged) изнесува 34% од неговата годишна плата.

(Извор: https://www.forbes.com/sites/karlynborysenko/2019/05/02/how-much-are-your-disengaged-employees-costing-you/#2381090e3437)

загуба погрешен избор на вработен

Ќе се обидам да ја пренесам математиката во локални размери.

Ако средна годишна бруто плата во Македонија изнесува 468.000,00 денари, загубата од еден вработен кој е целосно неангажиран (Actively disengaged) е 34% од вредноста односно изнесува 159.000,00 денари.

На оваа сума додадете:

– Работни часови кои менаџмент тимот ги поминал во процесот на претселекција и селекција.

– Работни часови на вработениот кој е задолжен за иницијален тренинг.

– Работни часови на менаџмент тимот на кои се разговара за предизвиците на работната позиција.

– Работни часови на менаџмент тимот кој планира акциски план за подобрување на перформансот

И дополнете ги сите претходно споменати негативни влијанија…

Е навистина чини многу и скапо изборот на несоодветен нов вработен.

Поликарп Арсеновски

Продавам работно место

Пронаоѓањето на квалитетен кадар е многу повеќе од само постирање оглас за работно место, многу повеќе од само плата…. Договорот за вработување е многу повеќе од само трансакција во која вработениот ќе работи за компанијата и компанијата ќе му плати соодветен надомест за тоа.

Како до квалитетен професионален кадар? Ова е предизвик со кој сѐ почесто се соочуваат компаниите. Луѓето стануваат редок, дефицитарен ресурс и тоа не само кај нас, туку и во регионот, анализите го покажуваат тоа. И затоа темата е секогаш на маса кога разговарам со моите драги клиенти, деловни соработници и пријатели.

Миграцијата на територијата на цел Западен Балкан па и пошироко, вклучувајќи ги и Бугарија и Романија, стареењето на генерациите во Западна Европа севкупно влијаат на огромната потреба од професионален кадар.

Пронаоѓањето на квалитетен кадар прераснува во вистинска уметност, но и борба, во која огромната конкуренција меѓу компаниите, сака и треба да досегне до сѐ повеќе ограничениот ресурс, луѓето.

работно место - луѓе

Тогаш како една компанија да привлече квалитетни луѓе?

Еден од одговорите е во БРЕНДИРАЊЕ НА КОМПАНИЈАТА КАКО РАБОТОДАВЕЦ (Employer Branding). Градење имиџ на посакувана компанија, привлечна за потенцијалните нови вработени, но и за лицата кои веќе работат во неа, се разбира. 

Всушност, нашите вработени се амбасадори на нашата компанија.

И тоа е првиот чекор – одговор на прашањето,  „Како до квалитетен и професионален кадар?“. 

Што подразбира брендирањето на компанијата како работодавец или како да се евалуира една компанија како посакувана? Во продолжение следуваат пет основни сегменти кои ценам дека се основен предуслов за брендирање на компанијата:

А. Вредностите кои се негуваат во компанијата. Првенствено меѓучовечките односи, можностите за личен развој и напредок, и воспоставените релации со надворешните соработници

Б. Односот кон вработените и грижата за нивните примарни и секундарни потреби

(Абрахам Маслов „Хиерархија на човекови потреби“ – Abraham Maslow „Hierarchy of Needs / Theory of Motivation“)

работно место Маслов човекови потреби

Зборуваме за луѓе, а тие не се средство, тие се нашиот основен ресурс за успех

И тука е клучниот момент и опфаќа сет работи:

– Комуникација – Каков е начинот на комуникација? 

– Услови за работа соодветни за секое работно место (соодветни инфраструктурни услови)

– Политиката на инвестиции во развој на вработените, тренинг за работно место и личен професионален развој

– Moжности за напредување

– Политика на еднаков третман кон сите

– Грижа и баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот

– Грижа за нивната благосостојба

– Флексибилност во поглед на работното време

В. Следење на трендовите – Особено важно за генерациите Y & Z (Генерации родени во периодот од 1977 до 1995 и родени после 1995), кои ги карактеризира креативност, користење на модерна технологија, социјални медиуми, иновативност…. 

Тие за една компанија добиваат претстава според присуството на социјалните медиуми и не само како реклама за тоа што е нашата понуда од аспект на производи, сервиси туку повеќе од тоа што се комуницира преку Facebook, LinkedIn, Twitter, од активното учество на јавните случувања, настани… 

Г. Понудата за работа – Да, Понуда за работа а не „Услови за работа“. Која е нашата понуда? или што е тоа што ние ќе им го понудиме на нашите вработени и потенцијални нови вработени кога промовираме отворено работно место?

И не само плата, бонус, и по закон…. Интересно според краткото истражување кое го направив наидов на огласи во кои компаниите воопшто и не споменуваат која е основната понуда за работа.

Во продолжение, мојата структура за понуда за работно место (во која се содржани само некои примери). Поделена е на шест области на кои секој работодавач треба да размислува:

понуда за работно место

Понуда за работно место

1. ОСНОВЕН ДЕЛ (Плата – Бонус)

1а. Основна (Фиксна) месечна Бруто/Нето Плата

1б. Месечен – Квартален Варијабилен дел во % и во вредност (Политика на бонуси)…

2. ОСНОВЕН ДЕЛ (Есенцијално)

2а. Работно време

2б. Политика на работа за празници, викенди, ноќни смени, продолжено работно време…

2в. Политика на годишен одмор

2г. Политика на надоместоци за патувања

2д. Политика на боледувања, и друг вид отсуства од работа…

3. СТИМУЛАТОРИ  (Финансиски) 

3а. Службено возило (политика на користење)

3б. Опрема: Преносен компјутер, таблет, мобилен телефон… (политика на користење)

3в. Трошоци за мобилен телефон, интернет…. 

3г. Животно осигурување

3д. Дополнително здравствено осигурување

3ѓ. Грижа за децата 

3е. Платени годишни одмори

3ж. Подароци за свечени прослави, јубилеи на стаж поминати во компанијата, награди, попусти на производи….

4. СТИМУЛАТОРИ  (нефинансиски)

4а. Инфраструктурни услови за работно место и опрема

4б. Можности за работа на проекти

4в. Лидерски стил

4г. Начин и форми на комуникација  

4д. Тимски и индивидуален тренинг план / Развој на техничките способности поврзани со специфичното работно место

4ѓ. Политика на баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот

4е. Политика и процеси на донесување на одлуки

4ж. Култура на препознавање на добро сработена работа

работно место - стимулатори

5. ПОЛИТИКА НА ГОДИШНИ БОНУСИ 

5а. Бонус врз основ на индивидуалниот перформанс

5б. Бонус врз основ на перформансот на компанијата

6.  ДВИГАТЕЛИ НА ПОСВЕТЕНОСТА (АНГАЖИРАНОСТА)

6а. Политика на годишно зголемување на основната (Фиксна) месечна бруто/нето плата 

6б. Одвоен годишен буџет за тренинг за вработениот

6в. Програма за индивидуален развој на бихевиоралните вештини 

6г. Кариерен пат – јасна слика за можностите за развој и напредување во организацијата од почетното работно место

6д. Performance Management 

6ѓ. Политика на дополнителни слободни денови за семејството и пријателите

6е. Политика на дополнителни слободни денови за волонтирање

Д. РЕПУТАЦИЈА 

Каков е нашиот углед и репутација на пазарот на труд како работодавец? Ако нашата цел е квалитетен и професионален кадар, тогаш ние мора да бидеме препознаени како „Top Employer“.

работно место - репутација

И всушност потрагата по квалитетен кадар е продажба на работно место. Тоа треба да е атрактивно за луѓето да го препознаат и да посакаат да го имаат, со љубов да го извршуваат, да останат во тимот, да се развиваат себе си, организацијата и бизнисот.

Поликарп Арсеновски