Во Тривити многу време поминуваме во истражување на светските трендови од областа на човечки ресурси и како може тие најдобро да се стават во функција на нашиот пазар. Иако целта која ја имаме поставено е една и единствена – да им најдеме на луѓето добра работа, а на компаниите кандидати согласно нивните потреби, тактиките кои ги употребуваме умеат да бидат различни. Сепак, мора да признаеме дека една од тактиките кои ги користиме, а кои даваат најдобри резултати е регрутмент маркетингот.
Што е всушност регрутмент маркетинг?
Регрутмент маркетинг е тактика на користење на различни маркетинг стратегии за промовирање на имиџот (вредноста) на работодавачот со цел да се привлечат и вработат нови кандидати и задржат постоечките вработени.
Во последните неколку години регрутмент маркетингот претставува и стратегија што ја користат професионалците од секторот за човечки ресурси во тесна соработка со маркетинг експертите, но и возбудлива кариера за сѐ поголем број специјалисти.
Накратко, тој претставува збир на вештини, практики и технологии кои се од голема важност за работодавачите да ги привлечат најдобрите таленти. Ова вклучува: емплоер брендинг, дигитален маркетинг, маркетинг на социјални медиуми, контент маркетинг, традиционален маркетинг и истражување на искуствата на кандидатите и нивната ангажираност (engagement).
Зошто е важен регрутмент маркетингот?
Регрутмент маркетингот е важна алатка на оние пазари на труд, каде што конкуренцијата за работна сила е доста голема, но исто така е корисен за пронаоѓање квалификувани кандидати во сите економски услови.
Со развојот на модерните технологии и достапноста на сите информации на интернет, на некој начин барањето работа станува слично на онлајн купувањето – преку пребарување на интернет на соодветни сајтови, во групи на социјални медуми или преку читање информации и коментари од други луѓе.
Во таква ситуација, информациите кои ќе ги пронајдат за компанијата може да имаат големо влијание врз нивната одлука да аплицираат за работната позиција или да ја прифатат или одбијат понудата за работа.
Во светот на огромен број информации, критично за мисијата на регрутмент маркетинг тимовите е да им помогнат на регрутерите во пренесување на приказната за брендот, заедно со описот на работното место.
Регрутација или регрутмент маркетинг?
Регрутмент маркетингот е релативно нова гранка, која се разликува од традиционалната регрутација по тоа што луѓето кои се занимаваат со регрутмент маркетинг не се директно одговорни за пополнување на работните позиции.
Нивната цел е да ги надополнуваат регрутерите користејќи различни канали за да ја пренесат приказната за брендот и со тоа да привлечат поголем број на квалитетни апликанти за отворените работни позиции.
Иако не се директно одговорни за пополнување на работни места, тие се усогласени со целите на тимовите за регрутација и работат во тесна врска со нив во спроведувањето на маркетинг кампањи за привлекување апликанти.
Да поедноставиме, разликата помеѓу регрутација и регрутмент маркетинг е во тоа што регрутацијата привлекува таленти со цел да ги пополни отворените работни места, додека регрутмент маркетингот привлекува таленти во компанијата. Исто е, ама не е исто.
Во случај да не сум доволно јасен… при регрутација се зема одредена работна позиција и се рекламира на одредени канали сѐ додека не се пополни истата.
При регрутмент маркетинг се развиваат разни видови содржини за претставување на брендот на работодавачот, кои се пренесуваат преку голем број на канали за да се зголеми видливоста, да се зголеми базата на следбеници, да се создадат нови лидови, да се пренесат препораките и искуствата на постоечките вработени, со цел да се привлечат што е можно поквалитетни кандидати.
Всушност, креирањето квалитетна содржина е една од најважните вештини која еден регрутмент маркетер треба да ја поседува.
Анализа, маркетинг и технологии
За крај, запознајте се со светото тројство на регрутмент маркетингот:
- Анализа – не можете да направите регрутмент маркетинг стратегија без претходно добро да се подготвите. Анализа на пазарот, на компанијата и на условите за работа во неа се задолжителна појдовна точка. Важно е да соберете што е можно повеќе информации и да ги идентитификувате позитивните и негативните страни.
- Маркетинг – по добро направената анализа, следи изработка на маркетинг стратегија. Во овој дел е важно да знаете со какви ресурси и со колкав буџет располагате, па врз основа на тоа ја креирате стратегијата и каналите на комуникација. Регрутмент маркетингот е типично комбинација од следните компоненти: емплојер брендинг, регрутација, дигитален маркетинг, искуства и сведоштва од задоволни вработени и нетворкинг, но во зависност од потребите и специфичноста на компанијата може да се вметнат и други елементи.
- Технологии – во 2023 година имаме еден куп технологи на дофат, чија цел е да ни помогнат во нашата работа. Не треба да се плашиме да ги користиме. Како што расте употребата на мобилните телефони, интернетот и социјалните мрежи во барањето работа и кандидати за работа, така и регрутмент маркетингот ќе се развива и ќе го засилува присуството во дигиталниот свет.
Во светот постојат разни апликации за вработување, дури и ние во Тривити имаме развиено софтвер кој има за цел да ги спои луѓето кои бараат работа со компаниите кои вработуваат. Можеби нема сѐ што ќе фатиме да функционира, но ништо не нѐ чини да пробаме и од грешките се учи, нели?