Однос на двете страни, помеѓу лицето кое бара работа и компанијата која вработува.
Некои луѓе испраќаат CV-а, уредно се поканети на интервју за работа и не се појавуваат, или пак испраќаат биографија која е напишана пристрасно и е дискутабилна од аспект на објективност.
Од друга страна некои компании објавуваат оглас за работа, а потоа не повикуваат кандидати на разговор, или по завршениот разговор на даваат информација со поврататен одговор или не се придржуваат до она што го ветиле на интервјуто за работа, или при потпишување на договорот.
Фер е начин (култура) на однесување, кој подразбира постапување и соработка со некого со високо ниво на почит и достоинство.
Во нашиот речник семантички ФЕР означува – Чесен, праведен, исправен, во ред.
Односно да се биде фер e да се оди патот кон успехот чесно, пристојно, умерено и недвосмислено, и да се победи по правила.
И така стигнав до моето златно правило кое го научив во доцните деведесетти на минатиот век „Однесувајте се кон луѓето онака како што сакате луѓето да се однесуваат кон вас“.
Ако те поканат на интервју, дојди или воопшто немој да прифаќаш покана бидејќи фер е и да ja одбиеш. Фер е во твојата биографија да напишеш објективни и релевантни податоци и факти за твоето искуство, знаење и способности.
Ако сме се договориле дека тоа се условите за работа, фер е истите да ги почитуваш.
И јас водам бизнис и точно знам дека денес ништо не е сигурно, но фер е да го поканиш лицето или тимот на разговор и да објасниш во какви околности е организацијата и какви промени планираш да направиш, а пред се зошто и која е причината за тие промени.
И кога некогаш не сте сигурни во вашите постапки, сетете се на златното правило и немојте да им го правите на другите тоа што не сакате другите да ви го прават на вас. Тоа важи за сé во животот.
Шансите за успех се пропорционални со степенот на задоволство што го заслужуваш од она што го правиш. Затоа ве оставам со прашањето, дали сакате да бидете во друштво на нефер луѓе или дел од нефер организации?
Секој од нас може да направи промена.