Бесплатни обуки за лица кои останале без работа во пандемијата

02.05.2023

Пандемијата донесе многу стресни последици коишто за жал сите ние ги почувствувавме на некој начин, на себе или преку нашите блиски. Една од тие последици беше ненадејното губење на работни места, околност која што само додаде масло на огнената стихија стравови и несигурности кај луѓето низ целиот свет.

Ние, за несреќа (а кога ќе погледнеме од оваа дистанца и малку пошироко од нашите проблеми можеби и за среќа) не знаејќи што нѐ очекува, почнавме со работа баш на почеток на пандемиското лудило.

Во рамки на нашата компанија го отворивме и нашиот Кариерен центар, кој ни отвори можности да им помогнеме на луѓето коишто бараа работа во време кога огласи за вработување имаше многу малку и тоа во многу ограничени сфери, а луѓе без работа или со несигурни работни места имаше многу.

Нашето долго и богато професионално искуство, во кое има и ситуации кога сме останале без работа или сме кроеле планови да смениме работа, нѐ поттикна да подадеме рака и заеднички да се исправиме кон новите можности.

Целта на нашите бесплатни обуки беше да ги охрабриме луѓето, да го вратиме оптимизмот и да ги споделиме нашето знаење и искуство.

Така се роди и нашата првата серија од бесплатни обуки, наменета за лицата кои останаа без работа како последица на пандемијата.

Обуката беше организирана во три различни модули наменети за невработени лица кои биле во работен однос и од скоро или долгорочно се невработени, студенти и средношколци кои размислуваат за почеток на професионална кариера, невработени лица без работно искуство и за лица кои се во работен однос и размислуваат за промена на работното место или развој во кариерата.

Сесиите беа поделени на шест дела, во времетраење од по два часа: самоспознавање, процес на самооценување, работна етика, креирање на личен акциски план за вработување, вмрежување и култура на континуирано учење.

Првите бесплатни обуки …

Првата обука беше пополнета во рекордно време, што ни беше знак дека одиме во вистински правец. Оттогаш, Тривити кариерниот центар ги реализира своите бесплатни обуки низ структурирани тренинг модули за различни целни групи, како и преку менторски и тренинг сесии, консултации, вмрежување со компаниите кои вработуваат, видливост на пазарот на труд и совети.

Поликарп Арсеновски