Едукација Останато

Колку губи компанијата од погрешен избор на вработен?

Тривити тим

02.03.2020

Секој избор на нов вработен во нашиот тим е предизвик. Доколку е соодветен носи додадена вредност на компанијата, ни купува време, позитивно влијае на луѓето и на организацијата, гради партнерска врска со надворешните соработници и на крај носи дополнителни приходи и профит.

Но, што ако сме ја „утнале“ работата и довербата сме ја дале на вработен кој не е она што ние сме очекувале и барале.

Позицијата на работодавач има многу искушенија, за некои од нив лекциите ги учиме во движење, а за некои скапо плаќаме. И во многу ситуации се фаќаме прво за цената, ама таа не е пресудна ако се прашаме, колку скапо ќе го платиме изборот на несоодветен нововработен?

И според споменатиот редослед, погрешниот избор на нов вработен член во тимот нам ни:

  • Троши време
  • Негативно влијае на луѓето и самата организација
  • Ги руши партнерските врски со надворешните соработници / клиенти и
  • Креира намалени приходи и профит

1. Погрешен вработен троши време

По 22 години искуство во процесот на вработување на нов кадар во десетина земји во регионот се обидов да направам временска рамка на чинење при несоодветен избор на секој нов член во тимот и таа изгледа вака:

календар - погрешен избор на вработен

Време потребно:

За претселекција и селекција30 дена
За иницијален тренинг (Basic Onboarding)15 до 45 дена
За првични резултати (Initial Results) / (Критична точка)60 до 90 дена
За имплементација на План за подобрување на перформансите (PIP – Performance Improvement Plan)60 до 90 дена

И потоа повторно, процес на претселекција и селекција. Просечното време кое сме го посветиле на новиот вработен е 150 дена, односно 20 работни дена во месец или седум и пол месеци.

Упс! Поминала годината, а ние сме на повторно на почеток.

2. Погрешен вработен негативно влијае на луѓето и самата организација

Изборот на несоодветен нов член на тимот не е само предизвик за компанијата. Нашиот избор негативно влијае и на лицето, предизвикува незадоволство, неисполнетост, разочарување, фрустрации и доведува до состојба на целосна неангажираност (Actively disengaged). Во ваква состојба, лицето сакајќи или ненамерно влијае негативно на луѓето и на самата организација. Ова однесување го нарекуваме „токсично“ и доколку не е контролирано може многу брзо да се прошири во организацијата.

Луѓето кои се инволвирани во иницијалниот тренинг, вклучувајќи ги и сите соработници стануваат незадоволни од атмосферата и резултатите, затоа што треба да вложат дополнителни напори, па дури и да работат дел од работата која е предвидено да ја работи тоа лице.

Дополнително, изборот на несоодветен нов вработен може да ја доведе во прашање и репутацијата на топ менаџментот за нивните способности во областа на проценка на потребни квалификации, а пак тоа да резултира со создавање на недоверба и нарушување на односите во тимот.

Всушност изборот на несоодветен нов вработен отвара повеќе предизвици, вклучувајќи ја и репутацијата на компанијата, за кои подоцна ќе ни биде потребна инвестиција од повеќе време и средства во целата организација, за да можеме да ги вратиме нештата во нормален тек.

3. Погрешен вработен ги руши партнерските врски со надворешните соработници/клиенти

Нарушувањата, како што се: квалитетот на услугите, производите, односите со соработниците и клиентите се само некои од влијанијата кои произлегуваат од изборот на несоодветен нововработен. Тие поместувања во односите влијаат врз репутацијата на компанијата како ценет партнер, па дури и може да предизвикаат ризик од крајни размери, прекинување на соработката. Ваквиот резултат директно влијае на продуктивноста на компанијата и на реализацијата на целите, вклучувајќи и пад на приходите и профитот.

4. Погрешен вработен креира намалени приходи и профит

Дали можеме да го пресметаме негативното влијание врз бизнисот од аспект на приходи и профит на изборот на несоодветен нов вработен?

Да, можеме.

Формулата е веќе позната и ја има консултантската куќа GALLUP, која спроведува истражување за нивото на ангажираност на вработените (Engagement Survey) уште од 2000 година.

Според истражувањата на GALLUP вработените во компаниите кои се активно неангажирани (Actively disengaged) имаат 37% повеќе отсуства од работа, помалку се продуктивни за 18% и влијаат негативно на профитабилноста со 15%. Кога ова ќе го претворите во бројка произлегува дека загубата на еден вработен кој е целосно неангажиран (Actively disengaged) изнесува 34% од неговата годишна плата.

(Извор: https://www.forbes.com/sites/karlynborysenko/2019/05/02/how-much-are-your-disengaged-employees-costing-you/#2381090e3437)

загуба погрешен избор на вработен

Ќе се обидам да ја пренесам математиката во локални размери.

Ако средна годишна бруто плата во Македонија изнесува 468.000,00 денари, загубата од еден вработен кој е целосно неангажиран (Actively disengaged) е 34% од вредноста односно изнесува 159.000,00 денари.

На оваа сума додадете:

– Работни часови кои менаџмент тимот ги поминал во процесот на претселекција и селекција.

– Работни часови на вработениот кој е задолжен за иницијален тренинг.

– Работни часови на менаџмент тимот на кои се разговара за предизвиците на работната позиција.

– Работни часови на менаџмент тимот кој планира акциски план за подобрување на перформансот

И дополнете ги сите претходно споменати негативни влијанија…

Е навистина чини многу и скапо изборот на несоодветен нов вработен.

Поликарп Арсеновски