Останато

Моќта на убавиот збор

Тривити тим

25.12.2023

Инспириран од анкетата за Ангажираност на вработените (Engagement Survey) која ја спроведувавме со дел од нашите клиенти во 2023 година, но и од севкупните случувања во општеството и во светот овој блог пост го посветувам на моќта на убавиот збор како нешто што посакувам да е клучен фокус на секој од нас, а особено на раководните тимови.

Зошто баш зборот? Најчесто вербалната (или пишана) комуникација е начинот со кој почнуваме да креираме врска со други лица.

Велат дека зборот може да креира многу можности или едноставно да уништи!

Секој збор искажан или напишан креира некакви чувства за нас и за нашиот соговорник, а чувствата понатаму креираат одредени реакции и така се почнува.

Моќта на зборовите можам да ја споредам со ,,ефектот на пеперутката’’ од теоријата на хаос, метафора која вели дека ,,Пеперутка која мавта со крилјата во Бразил може да предизвика торнадо во Тексас’’.

Кога бев мал на училиште не учеа дека ,,Убавиот збор железни врати отвара’’... многу години подоцна можам само да го потврдам тоа. Убавиот збор креира убави чувства кај нас и кај соговорникот. Впрочем тоа го кажуваат (и го очекуваат) и самите вработени во организациите преку истражувањата кои ги спроведовме... потребно е само еден убав збор и некому да му го направите денот убав. Почнува со љубезно ,,добро утро’’ кога ќе дојдете на работа, со ,,те молам’’ кога делегирате обврски и ,,благодарам’’ на крај на секоја реченица.

Убавиот збор поткрепен со позитивни мисли, насмевка на лицето и правилна интонација е идеална комбинација која креира (свесно или несвесно) чувства многу поголеми од било кој ,,team building’’ или подароци итн. Ја зголемува ангажираноста на вработените, го поттикнува чувството на припадност и влијае на општата продуктивност и благосостојба на вработените. И ако го преведам сѐ ова од лидерство во родителство, истото важи и во односот со нашите деца. Без оглед на годините, нивните чувства се исто така основен двигател на благосостојбата.

За да го потврдам значењето и моќта на убавиот збор ќе се осврнам на едно научно истражување спроведено од меѓународно познатиот јапонски научник Масару Емото каде покажува како влијанието на нашите мисли, зборови и чувства врз молекулите на водата може позитивно да влијае на земјата и на нашето лично здравје.

Имено, во неговото истражувања а подоцна и илустрации докажува како енергијата генерирана од позитивни или негативни зборови всушност може да ја промени физичката структура на објектот.

,,Во своите експерименти, Емото истураше чиста вода во ампули означени со негативни фрази како „Те мразам“ или „страв“. По 24 часа, водата била замрзната и повеќе не се кристализирала под микроскоп: наместо прекрасни кристали слични на тантела, добила сиви, погрешно обликувани купчиња. Спротивно на тоа, Емото постави етикети на кои пишува „Те сакам“ или „Мир“ на ампули со загадена вода, а по 24 часа тие произведоа блескави, совршено шестоаголни кристали,,.

И ако веруваме на овие истражувања дека енергијата и зборовите влијаат на водата, а знаеме дека човечките суштества сочинуваат 60% вода тогаш имаме уште една причина повеќе да бидеме посветени и да ја разбереме моќта на убавиот збор. 

И многу е едноставно, потребно е само да сакате некому да го направите денот убав и да креирате позитивни и убави чувства, со тоа демонстрирате учтивост и почит кон луѓето... а некако сметам дека тоа почна да ни недостасува деновиве.

Воедно, Ви посакувам убава 2024 година, исполнета со убави мисли и убави зборови.

Поли