Едукација Останато

Бихевиорално интервју за работа – Марија Ваневска

Тривити тим

07.07.2023

Бихевиорално интервју е една од најстрашните фрази за луѓето кои бараат работа. А стравот е единствениот непријател на ваквиот тип на интервју каде треба да раскажете нешто за себе, смирено и фокусирано. На бихевиорално интервју нема погрешни одговори. Но, може да има погрешни начини на презентирање ако сте под голем стрес и не сте во можност да се однесувате природно.

Во суштина, навистина нема ништо страшно.

Пред крај на работно време или некоја минутка потоа, телефонски повик кој го очекува секој што испратил CV и се пријавил на оглас за вработување.

Разговор од неколку минути, накратко информации за нас и која е целта на нашето јавување. Закажуваме средба на која ќе разговараме за отворената работна позиција. Навидум ништо полесно, но зад секој контакт стои неизвесност, исчекување и возбуда до моментот на средбата.

Вака изгледа првиот контакт, но за рагрутерот процесот започнува порано. Регрутерот добро ја познава компанијата, дејноста, работните задачи и условите. Учествува во креирање на огласот и во понатамошниот дел од процесот. Сега е моментот да го запознае кандидатот и да процени во колкава мера се совпаѓа со барањата на работодавачот.

Кај бихевиоралното интервју проценката се прави врз база на претходни искуства и однесувања. Кандидатот треба само да најде правилен начин да ги пренесе. Но, ако не сте имале искуство или сте имале непријатно искуство со вакво интервју низ кое ве водел некој кој не бил подготвен за бихевиорално интервјуирање, тогаш стравот е оправдан.

Работодавачот го бара идеалниот кандидат, а луѓето најдоброто место за работа

Компаниите кои имаат потреба од нови вработувања честопати соработуваат со агенции за посредување при вработување со цел брзо и ефикасно пополнување на слободните работни места и избор на „најдобрите“ кандидати.

Доколку се бара идеален или најдобар кандидат, постои реална опасност никогаш да не биде пронајден. Целта на компаниите би требало да биде да се избере најсоодветниот кандидат од пријавените.

Од перспектива на работодавач, најдобро решение е да вработите кандидат кој технички одговара на барањата на работното место, би се вклопил во културата на компанијата, но и во рамките на предвидениот буџет за финанскиски надомест.

Луѓето пак, од друга страна, бараат работна позиција на која можат да одговорат спред стручната подготовка, знаење и искуство. Но, многу поважно, бараат компанија во која ќе имаат подобри услови од сегашните и поголема можност за напредување во кариерата. Бараат место каде ќе се чувствуваат сигурно и ќе биде вреднуван нивниот труд.

бихевиорално интервју Тривити

Што е всушност бихевиорално интервју?

Бихевиорално интервју е техника со која се проценува способноста на кандидатот да одговори на потребите на новото работно место врз основа на претходни искуства. Оваа техника се базира на идејата дека претходните остварувања и однесување во одредена ситуација се индикатор за остварувањата во идните предизвици.

Традиционалниот начин на водење интервју пак ни овозможува да го отвориме разговорот и да добиеме генерални информаци за кандидатот. Во овој дел прашањата ни се насочени кон причините за пријавување за позицијата, зошто размислуваат за промена, нешто повеќе за кариерниот пат на кандидатот.

Зошто користиме интервју базирано на бихевиорални компетенции?

Предноста ја даваме на бихевиоралното интервју поради моментот во кој луѓето треба да се присетат на своите искуства и низ конкретни примери да покажат како се справиле во некоја тешка ситуација. Низ отворен разговор им даваме простор и слобода на креативен израз и презентација на личноста.

Наместо хипотетички зададени ситуации и претпоставки, добиваме вистински случаи во кои до израз доаѓаат вештините, знаењето и умешноста за справување во конкретен настан.

На овој начин добиваме многу повеќе информации. Однесувањето од минатото помага да се обезбеди проценка на вештините и да се избегне можноста за давање на очекувани одговори кои не секогаш се искрени.

Ова ни овозможува полесно да донесеме одлука дали кандидатот треба да продолжи во понатамошниот процес на селекција. Оваа одлука е резултат на количеството информации врз база на кои се прави проценка за тоа дали кандидатот се вклопува во потребите за конкретна работна позиција.

Важноста на подготовка и спроведување на интервју

Низ 3 години и приближно 3000 интервјуа во Тривити научив што е тоа што им пречи на луѓето кога ќе отидат на интервју за работа. Прашањата од типот Што ќе ѝ донесете на нашата компанија ако Ве вработиме? или Каде се гледате себеси за 5 години? секогаш ги избегнувам.

Пред спроведување на интервју, претстои подготовка на прашања со кои ќе може да се процени специфична вештина и квалитет кои се клучни за работното место.

За секоја работна позиција избираме по најмалку 8 до 12 бихевиорални компетенции и според нив конципираме прашања.

За техничката подготвеност проценката е насочена кон екпертиза во областа, познавање на технологии, организациски вештини, планирање, справување со проблеми и останати специфични компетенции за позицијата.

Најкомплексни за проверка се менаџерските компетенции. Тука бараме широки познавања на бизнисот или индустријата, брзина на учење, лидерство и стратешки пристап и размислување во градење и развој на бизнисот и луѓето.

бихевиорално интервју Тривити Марија Ваневска

Делот на кој му пристапуваме со посебно внимание е совпаѓањето во културолошките вредности кои ги носат компаниите и луѓето. Профилот на личност во однос на позицијата. Дали е силен индивидуалец или некој кој ужива во работа во тим. Како се справува со конфликтите во работната средина. Дали ја достигнал бараната професионална зрелост за доделените задачи.

Како што вели инспиративниот Ворен Бафет, генерално, барате три работи кај една личност: интелигенција, енергија и интегритет. Но, ако ја немаат последната, воопшто не се важни првите две. Оваа максима секогаш ја има помеѓу редови кога е во прашање најважната лична компетенција која се бара кај кандидатите.

Зависно од позицијата се истражуваат и други лични компетенции. Одговорност, креативност, амбициозност, самоиницијативност, мотивација. Токму затоа, низ еден пријатен разговор ги инспирираме кандидатите да изнајдат примери кои потекнуваат од професионалното и животното искуство.

Професионално изработено CV помага во градењето на прв впечаток, но не е доволно за да ја добиете работата. Одлуката за вработување следи по одржано интервју.

Но, оваа приказна има и една друга страна која не треба да ја заборавате. Од самиот почеток во Тривити со колегите си кажавме: „Луѓето пред сѐ“. И, така е.

Верувам дека успехот на компаниите се мери во задоволството на нивните вработени. Имав прилика да слушнам многу успешни приказни, инспиративни биографии, врвни професионалци, да запознаам исклучителни личности. И тие не секогаш завршиле на првото работно место за кое конкурирале. Вработени се во други компании со кои во поголема мера споделуваат заеднички цели и вредности.

Имајте го ова на ум пред следното интервју. Наместо да ја трошите енергијата во страв од прашањата, обидете се да воспоставите конструктивна комуникација во која и вие ќе откриете дали саканата позиција е навистина тоа што го сакате.   

бихевиорално интервју Марија Ваневска Тривити