Едукација Останато

Еднакви шанси за сите, во сите компании – Марија Акимовска

Тривити тим

01.06.2023

Ако започнам од тоа што е нашата работа како Агенција, со неколку зборови можеме да кажеме дека спојуваме луѓе кои бараат работа и компании кои вработуваат. Звучи едноставно, но процесот си носи одредена тежина и комплексност – но на оваа тема во друга прилика.

Ќе одам на крајот, кај успешно завршените процеси. Тоа значи дека сме ги пронашле вистинските луѓе за работните позиции кои се отворени. Кога сме кај вистинските луѓе, тие се оние кандидати чии профили според бихевиоралните компетенции и квалификации одговараат најмногу за дадените работни позиции во конкретни компании.

Но за да стигнеме до тука, секој што е во оваа професија, добро знае дека патот е долг и исполнет со секакви ситуации и предизвици.

Ќе издвојам дел од тие предизвици, што можеби најмногу емотивно и човечки ме засегаат.

Нешто за што гласно говорам и за што се залагам, а тоа се еднаквите шанси за сите, во сите компании.

Јас и моите колеги секојдневно се среќаваме со многу луѓе – лица со најразлични образовни профили. Шаренило од професии и богатство од работни искуства во најразлични компании и индустрии. Разноликост од карактери, лица со изразен немирен дух и темперамент, како и оние посмирени и сталожени. Оптимисти и жедни за знаење и нови предизвици, но и лица по малку разочарани, скептични и изморени.

Учеле едно, работеле друго, сонуваат за сосема трето… Ги има и тие што се плашат да сонуваат. Кај некои гледаме борбеност, а некои се повлечени во зоната на сигурност. Едни се похрабри, а другите гледаат претпазливо со доза на страв. Одговорни и професионални, но и лежерни и безгрижни. Лица со различни искуства и приказни, сите со своите различни човечки судбини.

И сето ова не е поврзано со тоа дали некој е маж или жена, дали е помлад или повозрасен.

Во ова бурно шаренолико море, секој е подеднакво важен, секој е подеднакво вреден како човек. Секој заслужува подеднаков професионален третман. Нашата улога на професионалци во својата работа е да го пронајдеме вистинскиот човек за вистинското работно место. И не само тоа… да го поттикнеме и да го охрабриме да расте и да се развива.

А што ми паѓа тешко во денешно време…

За мене (а верувам и за моите колеги), дали е некој маж или жена, дали е помлад или повозрасен, не прави разлика за да му биде дадена шанса, доколку ги исполнува добар дел од компетенциите и квалификациите. Она што ме погодува е кога ќе слушнам еден тип на коментари.

Од кандидати:

  • „Ви благодарам што ме повикавте на разговор. Аплицирав, но не очекував дека ќе ме повикате. Знаете, направивте да се чувствувам важен“ – кандидат, маж, 60 години.
  • „Имам искуство и се чувствувам спремна, ми треба нов предизвик, но се плашам дека ќе им пречат моите години“ – кандидат, жена, 54 години.

Од компании:

  • „Кандидатката е одлична, но млада е, штотуку се омажи… ќе формира семејство, ризикот дека ќе оди наскоро на породилно е голем. Не би можеле ни да ѝ дадеме поодговорна позиција, иако има потенцијал“.
  • „Кандидатот што ни го пративте има 50 години. Дали ќе има енергија да се носи со позицијата, бидејќи нашата работа е динамична“.
  • „Премногу е млад, нема да е лојален и сериозен, можно е брзо да ја напушти компанијата“.

Ова е само мал дел од коментарите на некои кандидати и компании. Листата на примери е долга, но ќе застанам тука.

Не споделив ништо ново, ништо досега невидено и нечуено, само имав потреба гласно да го повторам.

Само за да се потсетиме дека човечките способности, амбиции, силата, енергијата, потребата од континуирана работа, докажување, напредување, растење, лојалноста и припадноста, интелектот, професионалноста… сето тоа не познава години, не познава пол.

Да, Вие господине на 60 години секако дека сте важен. Со себе го носите целото знаење и непроценливо искуство стекнато низ годините, кое еве денес гледам одлично го вклопивте во организација на која сте ѝ додадена вредност. Сигурна сум дека во следните 4-5 години до Вашите пензионерски денови ќе дадете значаен придонес. Ќе пренесете знаење на следните генерации. Зошто не би биле важен?

И зошто кандидатката која на 54 години покрај целата своја мудрост, знаење и амбиција да се плаши дали ќе биде избрана од посакуваните компании. Напротив, треба да биде искористен тој потенцијал што во себе го носи.

А верувам сите познаваме млади жени кои паралелно со создавањето на семејство и одгледувањето на потомство успешно чекорат низ професионалниот свет и ја градат својата кариера.

Успешни се и тука се, постојат.

И енергија, брзина и острина на умот сме виделе исто така кај таканаречените сениори – многу е реално дека ќе ги сретнете.

И млади лица кои знаат што сакаат и кон што се стремат, кои сериозно негуваат вредности и демонстрираат професионалност на високо ниво.

Па во време кога сме соочени со сериозен предизвик на пазарот на труд и недостиг на работна сила, ајде сите како компании и тимови да ги тргнеме рамките и филтрите кои не би требало да постојат.

Да се задржиме на објективност наспроти субјективност, да излеземе од кутијата и да дадеме еднакви шанси на сите.

Бидејќи луѓето се тука, чекаат да бидат препознаени. Подготвени се да возвратат соодветно на дадената шанса, доколку се прифатени и третирани со достоинство и почит.