Важноста на годишните одмори, правилното насочување и оптимизација на работната сила за продуктивност на работното место
Грижата за вработените го опфаќа менталното, физичко и емоционално здравје, како и економската благосостојба под влијание на односите на работното место и одлуките кои се носат. Тоа е засилено со позитивната компаниска култура која дава приоритет на благосостојбата на вработените, преку јасно дефинирани работни задачи и придобивките како финансиска поддршка, здравствени бенефити и други мерки кои придонесуваат за подобрување на рамнотежата помеѓу работата и животот.
Флексибилно работно време, разни планови за здравствено осигурување, термини за спортски активности, часови по јога, соби за релаксација, гејминг соби... Компаниите се повеќе се потпираат на ваков вид придобивки за да ја зајакнат благосостојбата на вработените. Со воведување на такви поволности, работодавците се уверени дека вработените ќе се чувствуваат подобро и позадоволно на работното место и дека тоа ќе има влијание на подобрување на балансот помеѓу работата и животот. Но дали е тоа навистина така?
Еден извештај на Галуп (иако постар) покажува дека дури 76% од вработените признаваат дека доживеале симптоми на исцрпеност (burnout) на работното место, од разни причини кои варираат од лошо управување, преку нереално голем обем на работни обврски, до нефер третман на работа. За жал, лошите статистики не застануваат тука. Се почести се отсуствата од работа поради преголем стрес, а постојат и ситуации во кои вработените изјавиле дека работеле и кога не се чуствувале добро.
И покрај сите фантастични поволности и активности во компаниите, вработените сè уште се под стрес на работното место, а тоа влијае негативно на нивното ментално и физичко здравје. Ваквата состојба не влијае само на индивидуалните перформанси на вработените, туку и на бизнисот како целина. Затоа тука мора да го поставиме прашањето: Дали можеме да направиме нешто повеќе? Одговорот е: секако дека да, но прво да видиме кои се најголемите причини за стрес и незадоволство на вработените:
- Лош лидерски стил – сигурно сте ја слушнале изреката дека вработените си одат заради лоши претпоставени, не заради лоша работа. Лошиот начин на управување доведува до зголемен стрес на работното место. Некоректен однос, микроменаџмент, често префрлање и критикување од страна на претпоставените не само што доведува до зголемен стрес, туку прави вработените да се чуствуваат некомпетентни и недоволно добри за работната позиција.
- Преголем обем на работа – Кратки рокови или додавање екстра работни задачи поради недостаток на работна сила не само што го зголемуваат незадоволството кај вработените, туку и доведуваат до намалување на квалитетот на завршената работа. Во оваа ситуација веќе не е приоритет вработените да се посветат и квалитетно да ја завршат работата, туку да не се пробие рокот, независно од квалитетот на завршената работа.
- Нејасно дефинирани работни задачи – Без јасно дефинирани работни задачи вработените се чуствуваат збунето и тешко можат да одредат кои се приоритетите.
- Недостаток на мотивација – Работата треба да биде позитивно искуство и понекогаш платата не е доволен мотиватор за да се задржи квалитетно ниво на работа. Доколку вработените често добиваат репетитивни работни задачи кои не им даваат никаков предизвик тие ќе бидат помалку мотивирани да направат нешто плус за себе и за компанијата.
Можеме да продолжиме со набројување, но сметаме дека е поважно да се посветиме на тоа што може повеќе да направиме за благосостојбата на нашите вработени и како тие да бидат среќни, мотивирани и продуктивни.
- Нови улоги и одговорности – Доделувањето на нови улоги и одговорности го елиминира чувството на монотонија и репетитивни работни задачи и прави вреботените да бидат помотивирани и поангажирани со цел да бидат успешни во новата улога или во извршувањето на новите работни задачи
- Нови вработувања и ревитализација на работното место – Нови вработувања носат и нови перспективи и вештини во компанијата. Нагласете ја важноста на стратешкиот процес на регрутирање, како и важноста на правилниот онбординг процес за да бидете сигурни дека новите членови на тимот се во линија со културата и целите на компанијата.
- Важноста на одморот – одморот го подобрува моралот на вработените, влијае позитивно на продуктивноста и го намалува стресот. Но да расчистиме – одморот треба да е одмор и не треба да биде прекинуван со јавувања, мејлови и пораки од претпоставените кои се поврзани со работа.
- Полугодишни и годишни анализи на перформансите: Полугодишни или годишните анализи се клучни за проценка на перформансите на вработените, а со тоа и поставување на цели и планирање на професионалниот развој. Градете култура на позитивен фидбек. Редовната комуникација и евалуации на вработените придонесуваат за постојано подобрување и успех на самата организација.
Доколку ги имплементирате овие работи во компанијата може да создадете просперитетна и продуктивна работна средина во која вработените ќе бидат посреќни, ќе имаат можност да се развиваат и да придонесуваат за целокупниот развој на компанијата.