Останато

Застарени практики на работното место

Тривити тим

05.06.2024

Нема лесен начин да се каже ова, но мора да се соочиме со реалноста, а таа е дека голем дел од нашето време го поминуваме на работа. Од моментот кога ќе завршиме факултет, односно од нашето прво вработување па се до пензионирањето, една третина од денот го поминуваме на работното место. Друга работа е тоа што за време на работниот век, ретко кој останува на едно работно место или во иста компанија. Сите ние трагаме по „идеалното“ работно место, бркаме напредок во кариерата, повисоки плати, подобри можности, инвестираме во дополнителна едукација, курсеви и сертификати и водени од амбициите, може да смениме голем број работни места додека да се скрасиме на едно.

На тој пат се среќаваме со разни луѓе и со разни компаниски практики и политики, некои добри, некои не така добри ама ги прифаќаме, а за некои се чудиме зошто воопшто постојат. Имавме малку повеќе слободно време па решивме да направиме една листа на деловни практики, за кои сметаме дека им е време да останат во минатото.

  1. Кодекс на облекување – Освен ако не е некој тип на работа каде што е задолжително да се носи заштитна опрема заради зголемена безбедност и здравје на работниците навистина не го разбираме концептот на задолжителен дрес код.   Живееме во време на вештачка интелигенција, хибридни модели на работа и работа од дома, промовираме инклузивност и рамноправност и навистина сметаме вратоврските и оделата се „глупости“ од минатиот век. Сè додека не е навистина голо или непристојно, луѓето треба да се облекуваат како што се чувствуваат најудобно. На крајот на денот, односот кон работата и остварените резултати се оние работи кои се навистина битни, а не дали работникот дошол во карирана кошула или Рамоунс маица.
  2. Тим билдинг надвор од работно време – Да не се разбереме погрешно, секогаш сме за добар тим билдинг и дружење со колегите, но не на сметка на слободното време. Вработените веќе посветиле 8 часа во денот на компанијата и завршување на нивните работни обврски, па зошто да им земете уште? Дилемата тука е од етички карактер. И покрај тоа што најголемиот дел од вработените ќе кажат „да“ за тим билдинг и дружење, дали навистина треба да бараме од нив да одвојат дел од своето слободно време или викенд за компанијата?
  3. Нетранспарентни плати – До кога? Зошто уште? Сметате дека платата е прениска за да ја објавите јавно и ќе одиме со варијанта „конкурентна“ плата, чекајќи некој да се пријави, па ќе се ценкаме и убедуваме? Ако е тоа причината, седнете и разгледајте зошто е тоа така и направете нов модел на плати и бенефиции кои ќе бидат привлечни за вработените. А ако мислите дека луѓето не разговараат меѓу себе за платите и условите за работа... се лажете. Во денешно време, кога сите информации се на дланка и кога сите се борат да ги привлечат најдобрите вработени, нетранспарентноста не е „оружјето“ кое ќе ви донесе резултати.
  4. Океан (Отворен) систем на работа. – Од аспект на заштеда на простор, може да кажеме дека овој концепт е добар, но од практични, продуктивни, па и хигиенски причини... не баш. Едноставно, ставање на голем број луѓе, различни карактери, со различни задолженија во еден отворен простор со очекувања дека сите ќе работат подеднакво добро не функционира во пракса. Иако големите компании го практикуваат овој систем, реалноста кажува дека постојат луѓе, добри работници, кои не се осеќаат комотно кога се опкружени со многу луѓе и нивните перформанси може да бидат многу подобри кога ќе им се даде малку приватност. Отворениот систем на работа е поподложен на дистракции и да се разбереме, хигиенските навики не се исти кај сите луѓе... разбирате што сакаме да кажеме. J
  5. Персирање – Дали навистина персирањето е единствениот начин на укажување почит кон колегите или е само тажен остаток на хиерархиска разлика од времето? Лично сметаме дека персирањето е непотребно кон колегите кои ги гледаме секој ден на работното место, без разлика на позицијата која ја заземаат во фирмата. Се додека се однесуваме одговорно на работното место и се обраќаме културно, со достоинство и почит кон сите колеги, персирањето е непотребно.

Ова се само еден дел од примерите со кои најчесто се среќаваме. Во средината во која живееме и работиме сеуште се обидуваме да расчистиме со некои стари практики, остатоци од времето. Она што е позитивно е дека и кај нас се прифаќаат нови и модерни практики и работодавачите ја разбираат потребата од транспарентност, еднаквост и инклузивност што е чекор напред во намерата да имаме задоволни, среќни и лојални вработени.

Дали можеби ќе се сетите на уште некои застарени практитки кои сеуште се актуелни?

Ве очекуваме со ваши размислувања.