Едукација

7 Совети за кариерен развој

Тривити тим

19.02.2024

Во изминатиот период во Тривити организиравме тренинг програма за Кариерен развој, наменета за вработени и невработени лица, кои сакаа да се стекнат со нови знаења и алатки, со цел пронаоѓање работа, промена на работно место и развој на кариерата.

Работејќи со учесниците во рамки на сесиите и со кандидатите за работните позиции за кои посредуваме, имав можност да запознаам различни профили од аспект на образование, професија, искуство, возраст, потреби и желби. Некои од нив, земајќи ги предвид аспектите кои го сочинуваат нивниот профил, имаа визија краткорочно или долгорочно кон што би се стремеле и кој би бил нивниот следен професионален предизвик. Добар дел ја чувствуваа потребата од промена на работното место, но често ги слушав коментарите: „не знам од каде да почнам“, „како да продолжам од тука, па натаму...“, „дали правилно ќе го изберам следниот чекор“, „ризично е, да не згрешам“. И сите се сложивме дека предизвиците со кои се соочуваат им се реални и заеднички:

  • Пред се, тешко донесување одлука за барање на работа или промена на работно место - да се договориме сами со себе што навистина сакаме
  • Да се себеспознаат – кој/а сум и што сакам
  • Чувствуваат страв да започнат, страв да направат промена
  • Имаат недоверба кон процесот, кон компаниите и менаџментот
  • Им недостига знаење од каде да започнат
  • Намалена самодоверба – дали ќе бидам доволно добар/ра на новото работно место
  • Притисок од разни стереотипи (образование, искуство, пол, возраст...)
  • Постоечки разлики помеѓу понудата и побарувачката
  • Немање доволно информации за центри за кариерно советување и можности за преквалификација
  • Претходни лоши искуства заради недостиг на структуриран ‘onboarding’ процес во компаниите
  • Неподготвеност за прилагодување од двете страни – компании и баратели на работа
  • Зголемени трошоци за живот и потреба од прилагодување
  • Недостиг на лидерство во рамки на компаниите и на раководните позиции

Списокот можевме да го прошириме, верувам секој имаше уште нешто да додаде, но се сложивме дека покорисно за сите е да се обидеме предизвиците да ги претвориме во можности, на дилемите да најдеме решенија, на прашањата да дадеме одговори и да ја надминеме оваа состојба.

Па започнавме од тоа дека треба да донесеме одлука. Дали сакаме да најдеме работа, дали сакаме да направиме промена и колку сме одлучни во тоа? Ова е првиот и најважниот чекор - да се договориме со себе која ни е целта, кои ни се опциите, кои се позитивни и негативни страни и конечно да одлучиме.

Самоевалуација – да се спознаеме себе си. Едноставно да тргнеме од тоа кои се нашите интереси – што ни привлекува внимание, ни буди љубопитност, има значење за нас, каде и како би сакале да работиме. За таа цел може да се послужиме со тестови кои ќе ни помогнат во дефинирање на интересите. Потоа, какви компетенции поседуваме – нешто за што имаме самодоверба, имаме дадена доверба од други лица и докажани резултати. И нашите вредности, уникатната суштина, највисоката форма на изразување и поврзување – што и кои сме во сегашноста, уверувања за тоа што е важно, а пожелно да е усогласено со компаниските вредности, бидејќи само така ќе има задоволство во работењето, постигнати резултати и достигнати цели.

Зајакнување на работната етика и самодисциплина како состојба на умот, значајна за успех не само во професионалниот, туку и во приватниот живот. Спој од начинот на однесување, морални принципи, вредности, верување, убедување – какви сме ние и како се однесуваме кон работата и воопшто кон обврските во животот. Никој не е роден со силна работна етика – таа се креира и се тренира уште од најрана возраст и зависи само и единствено од нас.

Одржување кондиција преку култура на континуирано учење, која ќе не направи различни и конкурентни. Стремење да го претвориме фиксниот ум во развоен, со што ќе имаме позитивен став, зголемена самодоверба и резилиентност, ќе водиме исполнет и свесен живот.

Подготовка на личен развоен план за вработување. Одредување на главна цел, разделување на помали, краткорочни цели и активности и внимавајте, важно е да се одредат датуми и рокови, како не би останале само желби. Издвојување на потенцијални работни позиции и компании, каде би биле среќни, задоволни и посветени, мотивирани да го дадеме најдоброто од себе.

Активности за вмрежување. Најдобро поврзаните луѓе се едни од најуспешните. Времето инвестирано во вмрежување секогаш се исплатува. Воспоставување односи со клучни луѓе кои можат да ни помогнат да научиме нешто ново, да дојдеме до нова работа. Градење релации, а не „фаќање врски“. Пријатели и доверба се стекнуваат, тоа е двонасочна улица на давање-земање и долготраен процес. 

И секако, да побараме пријател. Тимот на Тривити секогаш се повикува на својата прва вредност, а тоа е Луѓето пред сѐ!. Моите колеги и јас сме посветени да го споделиме нашето знаење и да поттикнеме личен и професионален раст кај сите баратели на работа. Оттука, имајте нѐ за ваш несебичен пријател, чија врата е секогаш отворена, за секој оној кој е во процес на барање работа, има потреба од советување, насочување и поддршка.

Марија Акимовска