Останато

(Р)еволуција на балансот помеѓу работата и приватниот живот.

Тривити тим

15.08.2024

Колку пати ви се има случено во текот на работната недела да ве викнат на послеработна дружба или вечерна искачанка и вие да кажете не, под изговор дека сте уморни и немате сила. Кога гледате филм или серија колку често се случува да задремете по првите 10-15 минути гледање? Колку пати ви се случило некоја незавршена работна задача да ја однесете дома, бидејќи не сте успеале да ја довршите на работното место и со часови да гледате во екранот без да направите нешто за да ја довршите?

Не е никаква тајна дека во последно време се почесто среќаваме луѓе кои се истоштени, уморни од работа и динамичниот начин на живот. Не само што среќаваме такви луѓе туку може слободно да кажеме дека и ние често пати се наоѓаме во некоја од споменатите ситуации, па решивме малку повеќе да се позанимаваме со темата за рамнотежата помеѓу приватниот живот и работата.

Во последните дваесетина и нешто години темпото на живот драстично се менува. Станува побрз, подинамичен, се отвораат нови работни места, конкуренцијата станува голема, роковите стануваат пократки и се носат брзи одлуки. Дополнително, развојот на технологијата, појавата на социјалните мрежи и употребата на паметните телефони и вештачката интелигенција го променија и начинот на кој ги примаме информациите. Тука ќе ги споменеме и глобалните финансиски кризи и Ковид пандемијата кои ги нарушија и финансиската сигурност и начинот на работа.

Кога се ова ќе се земе предвид, природно е тоа да има влијание на искуството на вработените и луѓето воопшто. Затоа следењето на сите овие промени е од големо значење за разбирање на еволуцијата на вработувањето.

Две децении истражувања на Workmonitor покажуваат дека една од најголемите промени кај луѓето е растечката желба да се има успешна кариера, но истовремено среќен, исполнет и хармоничен семеен живот. За жал голем број луѓе имаат проблем да ги постигнат и двете работи.

Истражувањето идентификува три клучни работи кои влијаат на рамнотежата помеѓу работата и приватниот животот со текот на годините и ја променија перцепцијата кон вработувањето.

  1. Како технологијата може да ја попречи рамнотежата помеѓу работата и животот

Apple го лансираше својот прв iPhone во 2007 година. Иако не беше првиот паметен телефон на пазарот, тој воведе нова ера на носење компјутерска моќ во нашите џебови што претходно можеа да ја обезбедат само десктоп компјутерите или лаптопите.

Сепак, наместо да добиеме повеќе слободно време и да се да овозможи вработените да не бидат врзани са фиксна локација, се случи спротивното. Влеговме во еден друг режим на „секогаш вклучена“ работна култура и необична појава на работа да се навлегува во приватните животи на луѓето, при што многумина велат дека прекувремената работа станала норма.

Отпуштањето на голем број работници за време на пандемијата ги промени и очекувањата на работодавачите. Над половина од луѓето кои учествувале во истражувањето изјавиле дека нивниот обем на работа се зголемил, и дека е веќе станато сосема нормална и честа појава вработените да добиваат мејлови или повици и надвор од работното време.

Додека претходно луѓето стравуваа да не ги изгубат работните места, ваквите измени на пазарот на труд донесоа и повици за промени и се погласни се барањата за подобрување на рамнотежата помеѓу работата и приватниот живот. Колку и да беше негативен импактот од Ковид пандемијата, сепак таа донесе една позитивна промена. Покажа дека голем дел од компаниите немаат никакви негативни последици доколку им дозволат на вработените да работат од дома, пракса која остана до ден денес. Додека компаниите кои се бават со производство и градежништво, функционираат по традиционалниот модел, голем број технолошки напредни компании овозможуваат хибриден модел на работа, каде што вработените можат да работат од удобноста на својот дом, притоа завршувајќи ги работните задачи и поминувајќи време со семејството. Вин вин ситуација или не?

  • Флексибилност со технологијата

Технологијата можеби е делумно одговорна за „секогаш приклучената“ култура, но исто така отвори и нови можности за работа. Сепак, сеуште постојат компании кои споро ги прифаќаат технолошките иновации, но сѐ погласни се барањата на работниците за прифаќање и воведување на нови технологии, не само затоа што помагаат во работните процеси, туку и ја зголемат флексибилноста и имаат позитивно влијание во подобрување на рамнотежата помеѓу работата и приватниот живот.

Најновиот извештај за Workmonitor на Randstad го покажува степенот на напредок од 2023 година, во кој 78% од испитаниците во истражувањето рекле дека имаат воспоставено рамнотежа помеѓу работата и приватниот животот и мнозинството не би прифатиле нова работа доколку тоа би влијаело негативно. Ставовите на луѓето кон работата трајно се променети, се вели во извештајот, а ова е особено изразено кај помладите генерации, кои имаат најголеми очекувања и најсилен апетит за здрава рамнотежа помеѓу работата и приватниот животот.

Може слободно да заклучиме дека технологијата може да биде моќна алатка која ќе им помогне на луѓето во завршување на работните задачи, но и во подобро менаџирање на времето и надвор од работното место. Користењето календари, табели, Google Docs и разни други темплејти и апликации се од огромна помош во подобрување на ефикасноста и организирање на времето.

  • Менување на пристапот кон културата на работното место

Студиите од 2010 година, а и многу други потоа, покажуваат дека луѓето кои се посреќни на работното место се околу 12% попродуктивни од оние кои не се. И имајќи предвид дека рамнотежата помеѓу работата и животот е толку важна за вработените денес, компаниите се насочени кон разни иницијативи кои ќе помогнат да се постигне ова - воведување политики погодни за семејството како платено родителско отсуство, флексибилни работни часови, па дури и посебно уредени простории за згрижување деца на самото работно место.

Ова зголемување на фокусот кон менталното здравје, различноста, инклузивноста и флексибилноста околу работните места значи дека компаниите отворено покажуваат дека прават напори позитивно да влијаат на рамнотежата помеѓу работата и животот, а со тоа и да го намалат стресот и исцрпеноста кај вработените.

За крај мора да кажеме дека можеби (р)еволуцијата на рамнотежата помеѓу работата и животот е поттикната од технолошките и идеолошките иновации, но тоа е пред се лично патување, бидејќи секој се соочува со разни предизвици во животот. Флексибилното работно време, доброто планирање, хибридните работни модели и отстранувањето на бесмислените состаноци, можат да бидат од помош, но на крај сѐ се сведува на тоа што вас ве прави среќни.