Како да ги поддржите вработените родители на почетокот на училишната година
Тривити тим
22.08.2024
Тривити тим
22.08.2024
Повторно е тој дел од годината, каде што се збогуваме со летниот распуст и летните одмори и ги започнуваме подготовките за стартот на новата учебна година. Голем број родители кои што се во работен однос се наоѓаат во ситуација во која ќе треба да ги усогласат професионалните обврски и да ги подготват децата за новатата училишна година. За голем број родители ова е прилично стресен период, кој може да има негативно влијание и во приватниот но и во професионалниот живот. Иако кај нас многу малку се зборува на оваа тема, може слободно да кажеме дека компаниите можат да имаат големо влијание во овој период од годината и да се погрижат нивните вработени да добијат поголема поддршка и да го намалат стресот. Во продолжение, неколку совети за компаниите и менаџерите со кои може да им помогнат на родителите полесно да го пребродат овој период:
Флексибилни работни часови
Почетокот на училишната година значи и враќање на трката со времето и гужвите во сообраќајот. Сите брзаат да стигнат да ги однесат своите деца на училиште или во градинка и да бидат на време на своето работно место, што и не е баш лесно изводливо. Затоа еден од најефективните начини е компаниите да им овозможат на родителите флексибилно работно време, барем во оној период на адаптација, додека да се фати ритам во завршувањето на родителските и работни обврски. Дали тоа ќе биде поместување на почетокот и крајот на работното време или ќе им се овозможи на родителите работа од дома или некое трето решение и не е толку важно. Флексибилноста во ваквите ситуации може да го намали притисокот врз родителите во извршување на родителските задолженија како носење или земање од училиште (градинка) и некои други слични активности, а истовремено да им овозможи да ги завршат тековните работни обврски.
Отворена комуникација
Поттикнување отворена комуникација помеѓу менаџерскиот тим и вработените е од големо значење во обидот да се разбират предизвиците со кои се соочуваат родителите во оваа сезона и покажувањето емпатија може многу да помогне. Доколку забележите дека некој од вработените има проблем во менаџирањето на времето или во завршувањето на работните задачи, повикајте го на разговор и обидете се заедно да пронајдете решение кое ќе биде добро и за обете страни. Нудењето дополнително слободно време или оправдано родителско отсуство во текот на првите недели од училишната година може да направи голема разлика.
Училишни набавки спонзорирани од компанијата
Организирањето на училишна акција во рамките на компанијата не само што може да обезбеди основни работи за децата на вработените, туку и да поттикне чувство на заедница и поддршка меѓу колегите. Имајте предвид дека различни родители се соочуваат со различни проблеми при усогласувањето на работните и родителските обврски, а никако не треба да се занемарат и финансиските предизвици и секоја помош е добредојдена.
Наместо заклучок
Поддршката на вработените родители на стартот на учебната година не е само нудење бенефиции - тоа е пред сѐ создавање работна средина која ги цени и разбира уникатните предизвици на родителството. Со обезбедување на потребната поддршка, компаниите можат да им помогнат на своите вработени да одржат здрава рамнотежа помеѓу работата и родителските обврски, што на крајот може да доведе до поголемо задоволство во работата, помалку стрес и подобрување на продуктивноста.