Современи модели на работа
Тривити тим
23.04.2024
Тривити тим
23.04.2024
Не е никаква тајна дека кога станува збор за работа, честопати се случува да го делиме времето на пред и после пандемијата. Иако Ковид и „затворањето на светот“ не беше толку одамна, не може а да не кажеме дека таа направи тектонски промени во начинот на живеење, работење, комуникација со колегите и претпоставените. Многу компании не ја преживеаа пандемијата, работници останаа без работа, голем број други своеволно или принудно направија промена на работните позиции, дел сеуште се опоравуваат, а има и такви кај кои целосно се промени начинот на работа.
Што тоа значи? Компаниите во моментов се соочуваат со предизвикот да држат чекор со промените и да развиваат нови, иновативни, па и флексибилни модели на работа со цел да ги задоволат барањата и потребите на вработените. Во продолжение малку повеќе ќе се позанимаваме со состојбите на пазарот на труд, трендовите и ќе ги разгледаме предностите и недостатоците на новите работни модели.
Дебатата за работните часови на работниците има долга историја. Законската регулација на работните часови во Европа датира од 19 век. Во почетокот работниот дел траел 11 часови, работната недела броела 6 дена, а едниствен ден за одмор бил недела. Во првата половина на 20тиот век, работниот ден се смалил на 8 работни часа, а работата недела траела 48 работни часа. Дури во седумдесетите години на дваесетиот век била воведен работниот модел кој го знаеме денес – 40 часовна работна недела и одмор за викендите.
Денес се наоѓаме пред нов предизвик, во кој се почесто се разгледуваат моделите на дополнително намалување а работните часови, како и намалување на работната недела на 4 работни дена.
За време на пандемијата голем број на организации беа принудени да испробуваат нови начини на работа со цел непречено одвивање на работниот процес, а еден од моделите кои се покажаа како најефикасни беше токму работењето од дома. Иако веќе работите се вратени во нормала и светот функционира без никакви ограничувања, голем број компании продолжија да го практикуваат моделот на работење од дома, со доаѓање во канцеларија по потреба. Таканаречениот хибриден модел има свои предности, но покренува и неколку прашања кај одговорните, меѓу кои најпоставувани се: Како ќе го контролираат тимот ако не го гледаат и колку се навистина продуктивни вработените кога работат од дома?
Од друга страна гледано платата сеуште се пресметува според класичниот модел на работа: финансиска компензација во замена за работното време, па тука се поставува уште едно прашање: Дали намалувањето на работните часови би значело и пониска плата за работникот? Финансиската компонента сеуште игра голема улога во изборот на работно време, па може да кажеме дека суште не сме подготвени за намалување на работните часови. Барем не додека не се направи сериозна анализа која ќе ги земе предвид и продуктивноста и работните часови на работниците.
Исто така, додека одредени работни позиции може да функционираат по хибриден модел, кога станува збор за високи (менаџерски) позиции, тие сеуште се огласуваат на полно работно време.
Голем број експерти во областа се сложни дека е потребно да се промени класичната пресметка на работни часови врз основа на кои се одредува висината на платата и треба да се вреднува ефикасноста на работникот. Секако ова нема да биде возможно да се спроведе во секоја индустрија, бидејќи сеуште постојат индустрии (пред се производствени) каде што повеќе работа се завршува доколку работникот има повеќе време. Различни индустрии и професии ќе мора да направат индивидуални модели за организирање на работните часови кои имаат специфични побарувања. Тоа значи дека во некои области ќе може без проблем да се воведе систем на флексибилни работни часови, додека во други ќе продолжи да функционира класичниот систем.
Никако не смееме да ја заборавиме и вештачката интелегенција, чија примена од ден на ден станува се поголема. Многумина сметаат дека токму таа ќе ја зголеми ефикасноста, ќе ги забрза промените во следните неколку години и засекогаш ќе направи промена во описот и барањата на голем број работни места.
Сакале ние да признаеме или не, иднината е тука и таа носи големи промени во начинот и досегашните модели на работа. Доколку сакаме да бидеме во чекор со времето не треба да се плашиме од промени и мора да пронаоѓаме модели на работа кои ќе ги задоволуваат индивидуалните потреби на вработените, но и барањата на компаниите. Флексибилноста и уредувањето на работното време треба да бидат придружени со соодветни анализи и евалуација на перформансите и крајниот резултат со цел да изградиме и да промовираме работна култура која ќе биде ориентирана кон иднината.